
Денеска собраниска седница за избор на нов министер за здравство. На местото на Арбен Таравари, кој премина во опозиција, премиерот го предложи екс-министерот за информатичко општество, Азир Алиу од ВЛЕН. Народните избраници ќе гласаат и за нов заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Албрим Хоџа е предложен.
Со изгласување на предлозите, Собранието ќе ја комплетира празнината во ресорите на здравството и земјоделството.
Предлог-текстот за Алиу доставен од Владата и потпишан лично од премиерот Христијан Мицкоски, ја содржи биографијата на кандидатот. Во неа се наведува дека Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година, а, согласно доставеното ЦВ, бил и на други високи и одговорни позиции.
Мицкоски минатата недела во изјава за медиумите рече дека очекува добра соработка со Алиу во рамки на Владата. Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити смета дека Алиу е најдобар предлог за министер за здравство. Министер, како што рече неодамна Меџити, треба да биде добар менаџер кој го познава системот и кој може да придонесе за подобрување на ресорот.
Lokalno