
Граѓаните наскоро ќе можат да ги носат своите лични документи – лична карта и возачка дозвола – во дигитален облик преку нова мобилна апликација што ја развива Министерството за дигитална трансформација. Ова го најави министерот Стефан Андоновски во интервју за „360 степени“, истакнувајќи дека станува збор за т.н. „дигитален паричник“, сличен на Google Wallet или Apple Wallet.
Апликацијата ќе овозможи граѓаните да се легитимираат со електронски документи, а ќе има и пристап до најбараните јавни услуги. Во втората фаза од проектот, се планира воведување на дигитален потпис и целосна биометриска верификација.
Проектот се реализира во партнерство со Министерството за дигитална трансформација на Украина и програмата „Дигитална Европа“, преку која е добиен грант од над еден милион евра. Иако почетокот на реализацијата беше планиран за јануари 2025, поради административни процедури во ЕУ, стартот е презакажан за јуни 2025 година. Според Андоновски, веќе е подготвена модел-верзија на апликацијата.
Тест-верзијата ќе биде промовирана на Дигиталниот самит што ќе се одржи во Скопје на 1 и 2 октомври годинава, кога првите корисници ќе можат да ја симнат и пробаат.
Апликацијата ќе биде бесплатна во првата фаза, благодарение на обезбедениот грант. Во иднина, со воведување на дополнителни функции како биометриски потпис, можни се симболични трошоци.
Министерот Андоновски најави и нов закон за сајбер безбедност, кој ќе овозможи поефикасна заштита од хакерски напади. Законот предвидува формирање на Национален координативен совет, Сектор за сајбер безбедност при МДТ и владин центар за одговор на инциденти.
TV21