
Вчера во Гостивар се одржа настан по повод 19 мај – Ден на сеќавање на Ататурк и Ден на младоста и спортот на Турција.
На настанот, организиран од Сојузот на турски невладини организации на Македонија (МАТУСИТЕБ) под покровителство на Амбасадата на Турција во Центарот за култура во Гостивар, присуствуваа турскиот амбасадор Фатих Улусој, турски политичари и пратеници од Северна Македонија, претставници на турски институции и организации во земјата и голем број гости.
Во својот говор, амбасадорот Улусој му се заблагодари на МАТУСИТЕБ за неговиот придонес во организирањето на овој настан.
Сеќавајќи се на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Република Турција, неговите другари и сите загинати херои и честитајќи им го 19 мај на учесниците, Улусој рече:
„19 мај е борба на повторно воскреснување на еден народ која започна во Чанаккале, од која никогаш не се откажа и не згасна ниту за време на Првата светска војна и покрај сите тешкотии, наспроти напорите за окупација од страна на големите сили од тој период“.
Претседателот на МАТУСИТЕБ, Тахсин Ибрахим, рече дека 19 мај 1919 година е денот кога турскиот народ се крена против ропството и започна сеопфатна борба за независност и иднина.
Како дел од програмата, ученици од основно и средно училиште презентираа музички и поетски рецитали и изведоа народни ора и танци.
Инаку, 19 мај – Ден на сеќавање на Ататурк и Ден на младоста и спортот, е официјален празник во Турција и се одбележува со разни активности.
АА