мај 14, 2025

Отворено писмо од пратеникот Мурат до претседателката Давкова

Пратеникот Салих Мурат, избран од Европскиот фронт на Движењето за права и демократија на Турците во Македонија, ѝ испрати отворено писмо на претседателката Гордана Силјановска Давкова во врска со системскиот проблем околу недоволната застапеност на турската заедница.

Пратеникот Салих Мурат во својата изјава на социјалните мрежи напиша:

Денес, во својство на пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, упатив отворено писмо до Претседателката на Републиката во врска со системскиот проблем на недоволната застапеност на турската заедница во кабинетот и во органите именувани од Претседателката.

Писмото е резултат на тримесечно истражување и серија официјални барања за информации до неколку институции, вклучувајќи и барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до Кабинетот на Претседателката, како и пратенички прашања до Министерството за односи меѓу заедниците и до Народниот правобранител.

Добиените податоци укажуваат на алармантна состојба:

– Во Кабинетот на Претседателката, од 56 вработени, само 1 е припадник на турската заедница, и тоа на нераководна позиција

-Ниту една институција не обезбеди податоци за етничката структура на Советот за национална безбедност, Комисијата за помилување и други тела именувани од Претседателката

-Меѓу сите активни амбасадори на нашата земја нема ниту еден припадник на турската заедница – ситуација што трае со години

Ваквата состојба претставува директно прекршување на член 8 и Амандманот VI од Уставот на Република Северна Македонија, кои налагаат соодветна и правична застапеност на сите заедници во органите на државната власт на сите нивоа.

Во писмото побарав од Претседателката да преземе конкретни мерки:

-Да обезбеди транспарентност за етничката структура на сите тела што ги именува

-Да изготви акционен план за подобрување на застапеноста на помалите заедници

-Да воспостави механизам за редовно следење на состојбата со правичната застапеност

Уставната обврска за правична застапеност не е прашање на добра волја, туку императив за функционирање на инклузивно и мултиетничко општество. Ќе продолжам да ја користам пратеничката функција за да обезбедам доследно почитување на овие уставни принципи.

-Отворено писмо испратено до претседателката Давкова

Почитувана г-ѓа Претседател,

Со ова отворено писмо Ви се обраќам како пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, но пред сè како граѓанин загрижен за доследната примена на уставните и законските одредби во однос на соодветната и правична застапеност на сите заедници во органите на државната власт.

Хронологија на преземените активности

Загриженоста за состојбата со почитувањето на принципот на соодветна и правична застапеност на заедниците, особено на турската заедница, во институциите и телата именувани од Вас како Претседател на Републиката, ме наведе да преземам серија на чекори за добивање на релевантни информации:

1. На 03.01.2025 година поднесов барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до Кабинетот на Претседателот на РСМ, со кое побарав податоци за:

-Целосна листа на сите именувани и избрани функционери во Кабинетот на Претседателот, Советот за национална безбедност, Комисијата за помилување и Комисијата за одликување

-Етничката припадност на сите именувани/избрани лица

-Статистички податоци за етничката структура на вработените во овие тела

-Добив нецелосен одговор, со кој ми беа доставени само изводи од Службен весник, но не и бараните податоци за етничката структура.

2. На 12.03.2025 година поднесов пратеничко прашање до заменикот на претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, барајќи информации за:

-Дали Министерството врши мониторинг на застапеноста на заедниците во институциите именувани од Претседателот (Кабинет, Совет за национална безбедност, Комисија за помилување, Комисија за одликување)

-Каква е моменталната состојба со застапеноста на турската заедница во овие институции

-Кои мерки се преземаат за обезбедување на правична застапеност

-Дали постојат анализи за (не)почитувањето на принципот на соодветна застапеност

-Како ја оценуваат состојбата во однос на почитувањето на член 8, член 9 и Амандманот VI од Уставот

3. На 17.03.2025 година добив одговор од Министерството за односи меѓу заедниците (бр. 03-13/14), кој наместо да даде конкретни одговори, нѐ упати до Народниот правобранител, иако самото Министерство според законските надлежности има оддел за следење и унапредување на правична и соодветна застапеност и одделение за подготовка на стратешки документи за соодветна и правична застапеност.

4. На 14.04.2025 година поднесов пратеничко прашање до Народниот правобранител, со практично истите прашања, но насочени кон надлежностите на овој орган.

5. На 21.04.2025 година добив одговор од Народниот правобранител (НПР бр. 1684/2), во кој се наведуваат општи информации за етничката структура на вработените во Кабинетот на Претседателот, но не и конкретни податоци за другите тела кои се формирани со Ваше решение. Народниот правобранител известува дека во Кабинетот на Претседателот според официјалните податоци вкупно има 56 вработени, од кои како Македонци се изјасниле 45 лица, Албанци 7 лица, Турци 1 лице, Роми 1 лице, Срби 0, Власи 2 лица и други заедници 0. Дополнително, посебно ме загрижува дискрепанцата во податоците, бидејќи во еден дел се споменуваат 45 лица, а во извештајот за 2024 година се наведуваат 56 вработени.

Уставна и законска рамка

Сакам да потсетам на неколку клучни одредби кои се однесуваат на соодветната и правична застапеност:

1. Член 8 од Уставот пропишува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се правичната застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и во другите јавни институции на сите нивоа.

2. Амандман VI на Уставот предвидува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и во другите јавни институции на сите нивоа.

3. Законот за вработените во јавниот сектор (член 20-а) предвидува обврска за институциите да водат евиденција за етничката структура на вработените и да ја планираат соодветната и правична застапеност.

4. Законот за Народниот правобранител (член 77) пропишува надлежност за преземање дејствија и мерки за заштита на принципот на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт.

Загриженост за процесот на именување и состојбата со застапеноста

Информациите што ги добив за етничката структура на вработените во Кабинетот на Претседателот укажуваат на загрижувачка состојба со застапеноста на помалите заедници, особено турската заедница, која со само еден вработен на нераководна позиција е далеку од соодветна и правична застапеност согласно нејзиниот удел во вкупното население.

Особено загрижува фактот што ниту една институција не ми обезбеди податоци за етничката структура на членовите во телата што ги формирате Вие како Претседател – Советот за национална безбедност, Комисијата за помилување, Комисијата за одликување и другите тела. Ова создава перцепција на недостаток на транспарентност и го доведува во прашање почитувањето на уставниот принцип за соодветна и правична застапеност.

Дополнителна загриженост предизвикува и состојбата во дипломатско-конзуларната мрежа на нашата држава. Согласно член 84, алинеја 2 од Уставот, Претседателот на Републиката ги поставува и отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Републиката во странство. Меѓутоа, од моите сознанија, меѓу сите амбасадори што се моментално активни во нашите дипломатски мисии, нема ниту еден единствен амбасадор од турската заедница – ниту именуван од Ваша страна, ниту од страна на претходниот претседател. Оваа системска и долготрајна исклученост на турската заедница од највисоките дипломатски функции претставува драстично прекршување на уставниот принцип на соодветна и правична застапеност на сите заедници во органите на државната власт. Отсуството на амбасадори од турската заедница не е само статистичка аномалија, туку индикатор за сериозен институционален пропуст што бара итна корекција.

Очекувања

Како Претседател на сите граѓани на Република Северна Македонија и како гарант на Уставот, очекувам дека ќе ги почитувате уставните принципи и ќе преземете конкретни мерки за обезбедување соодветна и правична застапеност на сите заедници, вклучително и на турската заедница, во телата што ги формирате.

Конкретно, очекувам:

1. Транспарентност во однос на етничката структура на именуваните членови во сите тела формирани од Вас како Претседател.

2. Акционен план за подобрување на застапеноста на помалите заедници, особено на турската заедница, во овие тела.

3. Воспоставување механизам за редовно следење и известување за состојбата со соодветната и правична застапеност во институциите под Ваша надлежност.

4. Активно вклучување на припадници на помалите заедници во процесот на селекција и избор на членови на овие тела.

Апел

Почитувана г-ѓа Претседател, Ве повикувам како највисок претставник на државата и како гарант на Уставот, да ја искористите Вашата уставна позиција и да дадете личен пример во почитувањето и унапредувањето на принципот на соодветна и правична застапеност на сите заедници. Верувам дека заедничка цел на сите нас е изградба на граѓанско и инклузивно општество во кое сите заедници ќе имаат соодветна и правична застапеност на сите нивоа на државната власт, а особено во институциите кои го симболизираат државниот суверенитет и единството на нацијата.

Очекувам Вашиот одговор и конкретни чекори во насока на исполнување на овие уставни обврски.

Read Previous

Центарот на глобалната дипломатија: Турција