април 30, 2025

Тошковски останува министер за внатрешни работи, интерпелацијата во Собранието не помина

„Против“ гласаа 72 пратеници, додека „за“ гласаа само 20 пратеници, по што Собранието не ја прифати интерпелацијата на министерот Тошковски.

Интерпелацијата беше побарана врз десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагичната несреќа во Кочани во која животот го загубија 62 лица, а над 190 беа повредени.

„Против“ гласаа 72 пратеници, додека „за“ гласаа само 20 пратеници, по што Собранието не ја прифати интерпелацијата на Тошковски.

Интерпелацијата, инаку поддржана и од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Демократската унија за интеграција (ДУИ), се разгледуваше во Собранието вчера, додека родителите и роднините на настраданите во пожарот во Кочани го одржуваа протестот во Скопјe.

Расправата во Собранието ја одбележаа меѓусебни обвинувања за институционални пропусти, политичка одговорност и неспособност во справувањето со безбедносните предизвици. Левица го обвини Тошковски дека несоодветно ја извршувал функцијата, и дека постапувал нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во неговото министерство.

Министерот Тошковски во расправата рече дека не се плаши од одговорност и оти останува на функцијата за да се соочи со вистината и да ги разјасни сите дилеми. Се осврна на сите точки од интерпелацијата, вклучително и трагичниот настан во дискотеката во Кочани, нагласувајќи дека во овој случај МВР нема направено пропуст.

Тошковски посочи дека институциите преземаат мерки за сите отворени случаи, и ги отфрли тврдењата за етнички предзнак и обвини одредени структури во ДУИ и СДСМ за обид за дестабилизација.

Во раните утрински часови на 16 март во дискотеката „Пулс“ во градот Кочани избувна пожар предизвикан од пиротехнички средства за време на вечерна забава. Првично во пожарот загинаа 59 лица, а над 170 беа повредени. Бројот на настрадани се зголеми на 62 откако уште три лица, кои беа на лекување во странство, им подлегнаа на повредите во различни временски периоди.

Родителите и роднините на настраданите континуирано бараат одговорност од сите структури во системот, вклучувајќи ги активните функционери и началниците на полицијата, за време на чиј мандат се случи трагичниот пожар.

Според последните информации, отворена е истрага против вкупно 45 физички лица и три правни лица во врска со пожарот. Меѓу првите против кои е подигната истрага беше поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, кој моментално е во притвор.




AA

Read Previous

Земјотрес со јачина од 4,6 степени го погоди Крит

Read Next

Ердоган во Италија: Италијанските компании треба да ја гледаат Туркије како порта кон Азија, Блискиот Исток и Африка