април 18, 2025

Кос: Нема гаранции дека по уставните измени не би имало пречки на европскиот пат на Северна Македонија

epa11706839 Marta Kos, European Commissioner-designated for Enlargement, attends her confirmation hearing before European Parliament committees in Brussels, Belgium, 07 November 2024. EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Никој не може да и даде гаранции на Северна Македонија ако сега го смени Уставот, дека повеќе нема да има пречки на европскиот пат, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) во одговор на прашање на МИА дали ЕУ и земјите членки можат да гарантираат дека по спроведување на уставните измени не би имало нови блокади поради билатерални прашања поврзани со идентитетот, јазикот или историја.

– Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. Сфаќаме и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по се она што го помина. Гаранции не може да има, но она што го очекувам од сите земји членки кога има билатерални прашања, е разговорите да се водат со добра волја и со визија да се дојде до компромис, рече Кос.

Таа нагласи дека ова не значи дека ЕК не работи на тоа да и помогне на земјава да ги започне преговорите по кластери, потенцирајќи дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија и дека денеска заминува за Софија на средби со сите бугарски политичари, а потоа ќе контактира и со политичарите во земјава.

– Најдобро би било билатералните прашања да не се мешаат во пристапниот процес. Тоа не значи дека билатералните прашања не се важни. Знаете, можам да разберам дека Унгарија се бори за своето малцинство (во Украина). Можам да разберам дека и Бугарија го прави истото, но лошо е кога ова навистина се меша со процесот на пристапување, рече Кос.

Таа изрази надеж дека наскоро ќе се најде решение за деблокада на пристапниот процес на земјава и дека откако ќе се случи тоа ќе може без никакви нови услови да започнат преговорите по кластери.





Vecer

Read Previous

Еден месец од трагедијата во Кочани – со истрагата досега опфатени над 60 физички и три правни лица

Read Next

Студентите трет ден ја блокираат зградата на Радио Телевизија Србија