
Денеска се навршува еден месец од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 61 лице, а околу 200 беа повредени. Ова е најголемата несреќа од независноста на државата. Досегашната истрага покажа дека постоеле системски грешки и пропусти во изминатите години поради што досега со истрагата опфатени се вкупно над 60 физички и три правни лица меѓу кои сопственикот на дискотеката, сегашни и поранешни градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија, поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат, полициски службеници…. Истрагата се уште трае, а во неа се вклучени 13 обвинители. Досега се извршени голем број претреси, сослушани сведоци и собрани над илјада материјални докази.
Првично со истрагата беа опфатени 34 физички и три правни лица меѓу кои и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, актуелниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, кој поднесе оставка по несреќата, двајцата претходни градоначалници Ратко Димитриевски и Николчо Илијев, како и поранешниот директор на Пазарниот инспекторат.
Викендов, истрагата беше проширена со нови 19 лица меѓу кои тројца поранешни министри за економија, актуелниот и двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, тројца овластени градежни инспектори во Општина Кочани, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија и четири пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Со истрагата не е опфатен актуелниот министер за економија Бесар Дурмиши, бидејќи според Обвинителството, досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на дискотеката „Пулс“.
Вчера по наредба на јавен обвинител почна и приведувањето на уште седум полициски службеници кои во текот на денешниот ден се очекува да бидат изведени пред судија на претходна постапка. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски не ја исклучува можноста да бидат приведени уште лица до завршување на истрагата.
Alsat