
Македонија одбележува 5 години од зачленувањето во НАТО што е значајно поглавје за нашата држава, истакна министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на средбата со амбасадорите на земјите членки на Алијансата.
Тој најпрво им се заблагодари на амбасадорите за дадената помош за повредените во страотниот пожар во Кочани при што рече дека силата на солидарноста е главна карактеристика на сојузот. Муцунски притоа во обраќањето испрати порака и за целосно интегрирање на регионот што е клучен фактор за стабилноста.
„За нас е особено значајно што НАТО и Европската унија го препознаваат стратешкото значење на овој регион и го поздравуваме зголеменото присуство на овие две значајни организации во напорите да се осигура натамошната стабилност и просперитет на регионот. Верувам дека имаме заедничка одговорност да се справиме со злонамерните активности чија цел е да продуцираат нестабилност и да го оттргнат регионот од неговиот европски и евроатлантски пат“, порача Тимчо Муцунски.
Нашето пет годишно членство во НАТО не е само формално достигнување, туку доказ за нашата посветеност на мирот, безбедноста и меѓународната соработка, истакна заменик министерката за одбрана Елфет Исмаили.
„Нашето членство во НАТО пред 5 години не е само гаранција за нашата безбедност туку и можност да придонесеме за регионалниот и меѓународниот мир и стабилност се разбира. Сега ние стоиме покрај нашите сојузници како доверлив и посветен партнер“, вели Елфет Исмаили.
На денешен ден во 2020 година Македонија стана 30-та земја членка на НАТО откако претходно го исполни условот кој го бараше Грција за промена на името.
TV21