март 17, 2025

Давкова се заблагодари за помошта од соседните и други земји по трагедијата во Кочани

Истакнувајќи да не се жртвуваат стандардите и сигурноста на луѓето за профит и богатство на поединци, претседателката Сиљановска-Давкова заврши со зборовите „Ништо не е повредно од човечкиот, а особено од младешкиот живот.

По повод трагедијата што рано утрово се случи во дискотека во Кочани претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им се обрати на граѓаните, пренесува Анадолу.

Во своето обраќање претседателката Сиљановска-Давкова рече:

„Почитувани сограѓани,

Сите сме во шок, и самата сум шокирана: како мајка, како човек, како претседателка. Сè уште не можам да поверувам дека ужасната трагедија во Кочани е реалност.

Не знам со кои зборови да им изразам сочувство на родителите и најблиските на погинатите. Вашата неизмерна болка е и моја.

Утринава ги посетив болниците. Пред нив ме дочекаа родителите на повредените, со надеж и доверба во медицинскиот персонал. И јас, како нив, верувам дека ќе го сторат не само можното туку и неможното за да им помогнат на нивните сакани.“

Претседателката Сиљановска-Давкова рече „знам и чувствувам дека не сме сами бидејќи веднаш се огласија не само соседите туку и други држави“.

Таа информираше дека најтешко повредените се транспортираат на специјализирани клиники во Бугарија, Туркије, Србија и Грција заради добивање врвна медицинска помош и интервенција и додаде дека добрите луѓе од целиот регион, Европа и светот се со нас. Претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека „никогаш нема да се заборави овој добродетелен чин и вечно ќе им бидеме благодарни“.

„Почитувани и сакани граѓани,

Ве молам, водени од хуманоста и емпатијата да се сплотиме во болката свесни дека смртта и болеста подеднакво нè допираат сите, без оглед на каква било припадност.

Не е време за делби и конфронтации, особено кога се во прашање млади луѓе, чиј живот за миг згасна поради самоволие, импровизација и манипулација.“

Таа истакна дека без стандарди и правила не смее да функционира ниту една дејност и активност и додаде:

„Ниту еден одговорен овој пат не смее да ги избегне правото, правдата и казната! Да не ја сквернавиме невината жртва на погинатите, да ги здружиме силите околу преживеаните. Да не дозволиме никој повеќе да ги загрозува животите на невините луѓе.“

Истакнувајќи никогаш повеќе да не се жртвуваат стандардите и сигурноста на луѓето за профит и богатство на поединци, претседателката Сиљановска-Давкова заврши со зборовите:

„Ништо не е повредно од човечкиот, а особено од младешкиот живот.“




AA

Read Previous

Сочувство од Турција за загинатите во пожарот во Северна Македонија

Read Next

Згрижени се над 140 пациенти од дискотеката во Кочани – лицата префрлени во странство се во стабилна состојба