март 16, 2025

Мицкоски: Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил истакна дека со длабока тага ја примил веста за страшната несреќа во Кочани.

Како што вели, ова е тежок и тажен ден за Македонија.

„Со длабока тага ја примив веста за страшната трагедија во Кочани. Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија! Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, на најблиските и пријателите е неизмерна.

Во овие моменти на длабока тага, нашите мисли се со оние што ги загубија своите сакани. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите – сила да ја издржат оваа незамислива загуба. Народот и Владата ќе направат сè што е во нивна можност барем малку да ја ублажат нивната болка и да им помогнат во овие најтешки мигови.

Ги повикувам сите надлежни институции – здравствените служби, полицијата, локалните власти – да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на погодените семејства. Владата е целосно мобилизирана и ќе направи сè што е потребно за справување со последиците и утврдување на причините за оваа трагедија.

Во текот на денот, по согледување на околностите од надлежните институции ќе и’ се обратам на јавноста со повеќе информации за преземените чекори.

Во овие времиња на длабока тага, кога нашите срца се скршени од болка поради оваа ужасна трагедија, повикувам на заедништво, сплотеност, хуманост и одговорност.

Бог да биде со семејствата на жртвите и повредените и со народот на Македонија!“, вели Мицкоски.




TV21

Read Previous

Најмалку 51 загинат и над 100 повредени во пожар во дискотека во Кочани

Read Next

Лидери од регионот со изјави за сочувство за трагедијата во Кочани