март 10, 2025

Сиљановска ги потпиша указите за отповикување на девет амбасадори од должноста

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги потпиша указите за отповикување на осум амбасадори од должноста, бидејќи заминале на позициите без да ја исполнат законската обврска пред работното тело на Собранието. Дополнително, една амбасадорка се отповикува во редовна постапка поради завршување на мандатот.

Според законските прописи, амбасадорите пред именувањето се должни да ги презентираат своите согледувања за односите со земјата на приемот или меѓународната организација пред надлежното собраниско тело за надворешна политика. Осум од деветте отповикани амбасадори не ја исполниле оваа обврска, што доведе до нивното отповикување.

Во согласност со донесените укази, се отповикуваат:

– Јакуп Реџепи од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Босна и Херцеговина, со седиште во Сараево;

– Џенк Сејфула од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Кралството Шведска, со седиште во Стокхолм;

– Методија Белевски од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Кралството Белгија и од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор за Големото Војводство Луксембург, со седиште во Брисел;

– Агнеза Руси Поповска од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Бугарија, со седиште во Софија;

– Емил Крстески од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Чешката Република, со седиште во Прага;

– Пајо Авировиќ од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор и шеф на Постојаната мисија при Меѓународните организации, со седиште во Виена;

– Зеќир Рамчиловиќ од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Црна Гора, со седиште во Подгорица; и

– Катерина Ставреска од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, со седиште во Лондон.

Исто така, претседателката Сиљановска-Давкова донесе Указ за отповикување во редовна постапка на Светлана Гелева од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор и постојан претставник при Советот на Европа, со седиште во Стразбур, поради завршување на мандатот.

Во согласност со донесените укази, должноста на амбасадорите им престанува на 30 април 2025 година.





TV21

Read Previous

Симулациска вежба за вонредни состојби на Меѓународниот аеродром Скопје

Read Next

Мицотакис веројатно ќе направи реконструкција на Владата во следните денови