март 10, 2025

Разводите во пораст за 23,9%, а склучувањето бракови во опаѓање

Според податоците на Државниот завод за статистика, во последниот квартал од 2024 година биле регистрирани 601 развод, што претставува пораст од 23,9% во споредба со истиот период претходната година. Во исто време, бројот на склучени бракови се намалил за 14,7%, при што биле регистрирани 2.430 бракови.

Социолошките анализи укажуваат дека главен фактор за зголемениот број разводи е избрзаното стапување во брак без доволно запознавање на партнерите. Недостатокот на комуникација, разликите во животните вредности и финансиските потешкотии дополнително го зголемуваат ризикот од распад на брачните заедници. Покрај тоа, мешањето на семејствата во брачниот живот и неможноста младите парови да живеат самостојно создаваат дополнителни тензии што честопати водат до разделба.

Покрај промените кај браковите, статистичките податоци покажуваат и опаѓање на бројот на раѓања. Во последниот квартал од 2024 година се родени 3.968 деца, што е намалување од 4,2% во однос на истиот период претходната година. Бројот на починати лица изнесува 5.174, од кои 10 се доенчиња, што претставува пад од 1,0% во однос на истиот квартал во 2023 година.

Негативниот природен прираст, кој во овој квартал изнесува -1.206, укажува на континуираните демографски промени што би можеле да имаат значајни социоекономски последици во иднина.




TV21

Read Previous

ЕУФОР распоредува резервни сили во БиХ како засилување

Read Next

Симулациска вежба за вонредни состојби на Меѓународниот аеродром Скопје