април 23, 2025

Државата должи 70 милиони евра на бизнисот, доцни повратот на ДДВ кон компаниите

Државата од смената на власта до сега натрупала околу 70 милиони евра долг кон компаниите за поврат на ДДВ – покажуваат податоците на УЈП, во кои имашее увид ТВ21. До нашата редакција пристигнаа многу реакции од компании кои тврдат дека УЈП им должи со месеци за поврат на ДДВ. Сумите се од неколку стотици до неколку милиони евра, а доцнењето по 4-6 па и 8 месеци, а кај некои со години. Велат државата со доцнењето директно ја поткопува ликвидноста на компаниите.

-Информациите кои што ги добиваме од нашите членки покажуваат дека со повратот на ДДВ се доцни 3 до 4 месеци. Од доцното враќање на ДДВ особено се погодени извозните компании затоа што тие во континуитет се во состојба дека треба да повраќаат ДДВ. Тие можат да бидат доведени во неликвидност затоа што тоа што го заработуваат е помалку од 18 проценти ДДВ колку што обично се плаќа за тоа што го наплатуваат. И многу е важно за да нивните бизнис операции се одвиваат во континуитет навремено да се враќа ДДВ-то, изјави Орце Симов, потпретседател на ССК.

Податоците пак кои ги доби ТВ21 покажуваат дека од јули лани до крајот на годината, УЈП добила барања за поврат на ДДВ тешки над 292 милиони евра, а вратила назад на компаниите 232 милиони евра. Или невратениот ДДВ кон компаниите бил речиси 60 милиони евра. Годинава пак доспеале побарувања од 138 милиони евра, а не биле вратени 8 милиони евра. Или вкупно од јули лани до сега долгот е над 68 милиони евра.

Директорката на УЈП Елена Петрова тврди дека повратот на ДДВ се исплаќа редовно, освен во случаите каде што треба дополнителна проверка. Вели и дека лани враќале барања за поврат на ДДВ кои биле од 2020 до 2023 година.

-Значи од една даночна пријава до друга даночна пријава треба да помине еден календарски месец и тоа е и постапувањето генерално. Но имаме случаи каде што вршиме подетални контроли, тоа се помал број на случаи каде што навлегуваме и на проверки и на повеќе даночни периоди кои што можат да значат и неколку години тогаш времетраењето на контролата зависи од самиот даночен обврзник и од тоа колкав обем е неговиот промет, колку документација треба да се разгледа, изјави Елена Петрова, директорка на УЈП.

Колку време им треба за дополнителните проверки Петрова не прецизираше. Вели променети се процесите на одобрување и сега вклучуваат подетелни проверки и вкрстување на податоци. Тоа било поради даночните афери со злоупотреби на повратот на ДДВ во изминатиот период.

Парите пак кои се плаќаат за камати на компаниите за секој ден задоцнување со повратот на ДДВ, тврди се многу помали од парите кои се спречени да бидат одлеани од буџетот преку злоупотреби.




TV21

Read Previous

Македонија нема да испраќа војници во Украина

Read Next

Две средношколки од Косово дневно патуваат по 80 километри за да следат настава на турски јазик