март 6, 2025

Шекеринска: Клучните приоритети на НАТО се зачувување на мирот и стабилноста во БиХ и во регионот

Заменичка-генерален секретар на НАТО, Шекеринска, ја повтори силната поддршка на НАТО за зачувување на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.

Клучни приоритети на НАТО се зачувување на мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина и во целиот регион, се истакна денес за време на телефонскиот разговор меѓу заменичка-генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, и членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, пренесува Анадолу.

Беќировиќ информираше за сериозните безбедносни предизвици и ризици со кои се соочува Босна и Херцеговина поради директната закана за Дејтонскиот мировен договор и Уставот на БиХ од страна на раководството на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска (РС).

Заменичка-генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, ја повтори силната поддршка на НАТО за зачувување на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина. Таа ги поздрави активностите на институциите на Босна и Херцеговина за заштитата на уставниот поредок на државата.

Таа нагласи дека Западен Балкан е од стратегиски интерес за НАТО и дека клучните приоритети на НАТО се зачувување на мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина и во целиот регион.

Шекеринска и Беќировиќ позитивно ги оценија активностите за подобрување на политичкиот дијалог меѓу Босна и Херцеговина и НАТО, вклучително и посетата на новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, на Сараево следната недела.




AA

Read Previous

Градоначалникот Стефковски приреди ифтар вечера во чест на Рамазан Бајрам

Read Next

Речиси 700 возачи казнети од МВР за едно деноноќие