
Македонскиот пат кон Европската унија започна многу пред евроинтегративниот процес на Албанија па дури и пред Хрватска, но за нас системот на заслуги е бајка. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски на Безбедносната конференција во Минхен кој рече дека Македонија е жртва на билатерализација. За жал има земји членки на ЕУ кои доаѓаат од Балканот и кои донесоа билатерални спорови заедно со нив во Брисел наместо бриселските вредности да ги донесат на Балканот, рече тој.
„Промената на името, промената на знамето, промената на валутата, што се? Не се мешање во внатрешните работи. Колку долго треба да патиме од двојните стандарди? Ние тука не зборуваме за процес заснован на системот на заслуги, ние зборуваме за билатерални спорови кои не треба да имаат ништо заедничко со европските вредности“, рече Мицкоски.
Европската комесарка за проширување Марта Кос рече дека Македонија доколку има придвижување во спорот со Бугарија може брзо да напредува. Во однос на внесувањето на билатералните прашања рече дека тоа постојано се случува.
„Бугарија и Северна Македонија веќе разговараа за тоа ние нудиме ако е потребно да олесниме. Никогаш не е добро кога билатерални прашања доаѓаат, но тоа се случува повторно и повторно. Можам да ја разберам фрустрацијата“, изјави Кос.
Премиерот на Албанија Еди Рама пак рече дека Европската унија мора да го забрза процесот на прием на земјите од Балканот.
„Мислам дека сега треба да се забрза може многу повеќе во тоа како да се донесе овој дел на Европа кој не е во Европската унија многу поблиску.“, рече Рама.
Мицкоски вчера говореше и на панелот за Геостратегија и енергетска сигурност во кој се осврна и на новите предизвици кои се исправаат пред НАТО, за плановите на Македонија во областа на енергетиката како и за идните односи во Европа.
TV21