![](https://timebalkan.mk/wp-content/uploads/2025/02/thumbs_b_c_c1ae5e6d2cd01fb2f36791b88ca4a2df.jpg)
Искуствата покажуваат дека процесот на проширување е единствена алатка за обезбедување просперитет, безбедност и стабилност на европскиот континент и како таква треба да продолжи со уште поголем интензитет.
Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со специјалниот претставник на Република Словенија во земјата, Анжеј Фрагнеш, пренесува Анадолу.
Како што е соопштено од Собранието на РСМ, Гаши на средбата ги нагласил одличните повеќедецениски билатерални односи меѓу двете држави и динамиката на средби на сите нивоа што, како што се истакнува, се најголема потврда за заемната желба за поблиско поврзување меѓу двете земји.
За време на средбата Гаши ги истакнал заложбите на Словенија за прашањето на проширувањето да остане високо на агендата на ЕУ, како и поддршката што ѝ ја дава на Северна Македонија на патот кон ЕУ.
„Искуствата покажуваат дека процесот на проширување е единствена алатка за обезбедување просперитет, безбедност и стабилност на европскиот континент и како таква треба да продолжи со уште поголем интензитет“, се вели во соопштението од Собранието.
Специјалниот претставник на Република Словенија во Северна Македонија, Анжеј Фрагнеш, му честитал на Гаши за досегашната работа како претседател на Собранието и искажал подготвеност за натамошно интензивирање и продлабочување на комуникацијата и соработката на теми од заемен интерес.
Фрагнеш истакнал дека од особено значење е процесот на отворање на преговарачките поглавја да отпочне што поскоро и земјата да се приклучи кон ЕУ, за што истакнал дека Словенија ќе ѝ дава постојана отворена и силна поддршка на Северна Македонија.
Соговорниците се осврнале и на актуелните активности на Собранието, натамошното продлабочување на соработката меѓу двете држави на сите нивоа, со особен акцент на парламентарната дипломатија.
TV21