февруари 4, 2025

Следната недела ќе се објави вториот повик со кој ќе бидат поддржани капиталните инфраструктурни проекти на општините

На денешната прес-конференција во Владата беше кажано дека следната недела ќе се објави новиот повик со кој ќе бидат поддржани капитални инфраструктурни проекти на општините. Со повикот на општините ќе им бидат доставени 15 милијарди денари.

„Критериумите за учество во најголем дел ќе бидат исти како и за првиот, но и олеснети во поглед на рокот за поднесување документи и за почнување на постапката за јавна набавка. Ќе се одлучува врз основа на два критриума: по глава на жител на резидентно население во секоја општина согласно последниот попис и комплетноста на потребната проектна документација со сите потребни дозволи и согласности потребни за почнување на јавна набавка со ревидирана предмер пресметка не постара од 12 месеци“, соопшти на прес-конференција министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Право на учество имаат сите општини, кои ќе можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти, а повикот ќе трае до 30 април годинава.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека 15 милијарди денари што се ставаат на располагање на општините се значајни средства за изградба на капитални проекти како што се училишта, градинки, паркови, водоводни мрежи, со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните.

 „Се работи за историски најголема инвестиција на централната власт во општините преку кои директо се влијае за подбар живот и повисок стандард“, рече Мицкоски.

На претходниот повик, потсети тој, 78 општини добија 288 проекти со вкупна вредност од над 73 милиони евра, а преку Министерството за транспорт беа доделени 800 милиони денари за финансирање на посебна програма за помош на општините.

Процесот за распределба на средствата и за вториот повик ќе го следи владино координативно тело што ќе го предводи Министерството за локална самоуправа. Средствата ќе се доделуват преку министерствата за транспорт, за животна средина и посторно планирање, за образование и наука, за социјала политика, за спорт и за култура, кои ќе треба да ги утврдат критериумите со кои ќе се финансираат проектите преку капитални дотации.

Перински истакна дека мерката е целосно насочена кон подобрување на условите за живот на граѓаните, се базира на реалните потреби на општините и нивните жители. – Нема ниту грам политика во неа, а доказ за тоа се и резултатите од првиот повик каде 10-ина финансирани проекти се во општини со градоначалници од опозицијата, наведе Перински.

Тој соопшти дека од првиот повик, 251 проект се веќе со склучен договор или се во завршна фаза од постапката за избор на изведувач, од кои 50-ина веќе се реализираат на терен. Остануваат само 37 проекти за кои се очекува почеток на постапка.

Skopjeinfo

Read Previous

Фон дер Лајен: Оваа година мора да биде година на напредок на сите кандидати за членство во ЕУ

Read Next

Близу 1.700 Македонци добиле бугарско државјанство во 2024 година