Премиерот Вучевиќ истакна дека неговата одлука е поврзана со вчерашните случувања во Нови Сад, кога беа нападнати студентите кои протестираат.
Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, поднесе неотповиклива оставка од својата функција, јавува Анадолу.
На прес-конференција, Вучевиќ изјави дека утрово разговарал со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ја прифатил неговата одлука.
Тој истакна дека неговата одлука е поврзана со вчерашните случувања во Нови Сад, кога беа нападнати студентите кои протестираат.
Вучевиќ повика на враќање на дијалогот и смирување на тензиите. Според него, ова „апсолутно беше планирано од странство, одвратно планирано и насочено кон образованието“, при што тој спомена и „злобни сценарија“ и „невидлива рака“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера побара итна реконструкција на Владата.
Овие случувања следуваат по масовните протести што траат повеќе од две месеца, организирани од студентите. Тие бараат да се утврди одговорноста за смртта на 15 лица на 1 ноември, при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, како и за нападите врз студентите на протестите и при блокадите.
AA