Собирот е одржан во организација на Независниот синдикат на просветните работници на Србија, а по обраќањата следуваше акцијата „15 минути молк“, во знак на почит на загинатите при уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
Илјадници просветни работници, студенти, ученици и граѓани се собраа првиот ден од второто полугодие на протест во Белград насловен „Учителите и наставниците се со студентите“ и повикаа на генерален штрајк во Србија, јавува Анадолу.
Собирот е одржан во организација на Независниот синдикат на просветните работници на Србија, а по обраќањата следуваше акцијата „15 минути молк“, во знак на почит на загинатите при уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
Собирот пред Филозофскиот факултет во Белград симболично започна со песната „Живеј слободно“ на Ѓорѓе Балашевиќ, а беше интонирана и химната на академските граѓани.
Голем број образовни установи низ Србија денес ја прекинаа наставата во знак на поддршка и солидарност со студентските протести со цел исполнување на нивните барања, но и барањата на просветните работници.
Душан Кокот, претседател на Независниот синдикат на просветните работници на Србија, изјави дека наставата денес не започнала во 50 отсто од училиштата. Додаде дека овој процент е дури 80 отсто во поголемите градови.
„Покажавме храброст да издржиме пред заканите“, рече Кокот.
На собирот одекнуваше слоганот „Генерален штрајк, генерален штрајк“.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ изјави дека од утре Просветниот инспекторат ќе ги посети училиштата што, како што рече, ја прекинале наставата спротивно на законот.
Тој ги повика сите, особено родителите и учениците, да не дозволуваат училиштата да се „трујат со политика“.
„Имаме Парламент, имаме плоштади, имаме медиуми, таму се зборува за политика“, изјави Вучевиќ за новинската агенција Танјуг и додаде:
„На политиката не ѝ место меѓу децата.“
По смртта на 15 лица при уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, во Србија започнаа студентски протести со барање за одговорност на надлежните.
Во протестите се вклучија и професори и наставници од белградските факултети и училишта.
Тие бараат објавување на целата документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, отфрлање на обвиненијата за студентите, активистите и граѓаните уапсени и приведени во текот на протестите, како и поднесување кривична пријава за напаѓачите на демонстрантите.
AA