Прилепската болница се огласи со соопштение дека починатите бебиња близнаци имале знаци на премрзнување. Семејството во селото Славеј живеело во екстремно лоши услови.
Мајката била родена во 2001 година, а во болницата се породила во нејзината четврта бременост во која ги родила нлизнаците во 34-та гестациска недела.
„Првото новороденче, машко, било со родилна тежина од 1.970 грама, а второто, женско, со тежина од 1.780 грама. На 10 јануари, на барање и со потпис од мајката, децата биле пуштени дома. Потоа во текот на вчерашниот ден во 10:45 часот на одделот за детски болести е донесено женското новороденче во тешка здравствена состојба како резултат на премрзнување“, велат од прилепската болница.
Според достапните информации машкото новороденче е претходно починато дома од истата причина.
„По приемот на женското новороденче, веднаш е преземена интензивна медицинска интервенција. Извршена е реанимација, новороденчето е интубирано, поставено во топли ќебина и применети се дополнителни мерки за затоплување. И покрај сите преземени обиди од медицинскиот персонал, состојбата продолжи да се влошува. Во 13 часот е констатирана смрт“, се вели во соопштението на ЈЗУ Општа болница Прилеп.
Skopje1