Од денес, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе започне со вонреден инспекциски надзор поврзан со смртта на деветгодишното дете од Свети Николе, кое почина во вторникот на Клиниката за детски болести во Скопје.
Директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов, за МИА изјави дека засега не може да даде коментар поради сериозноста на случајот. Портпаролката на Инспекторатот, пак, кусо посочи дека резултатите од надзорот ќе бидат соопштени штом заврши постапката.
Извори од Инспекторатот за МИА откриваат дека инспекцискиот надзор ќе опфати три места каде што детето било лекувано: ординацијата на матичниот лекар, Клиничката болница во Штип и Клиниката за детски болести во Скопје.
Во меѓувреме, од штипската Клиничка болница испратија соопштение во кое го објаснуваат текот на лекувањето на детето. Според нив, деветгодишното дете било донесено на Одделението за детски болести на 14 јануари во 18 часот, во „тешка општа состојба со нарушена свест“. Лекарите веднаш спровеле биохемиски анализи и направиле компјутерска томографија (КТ) на глава. Поради сериозноста на состојбата, во 19 часот истиот ден, детето било транспортирано со медицинска придружба до Клиниката за детски болести во Скопје.
Од Клиниката за детски болести во Скопје потврдија дека детето пристигнало во многу тешка здравствена состојба и дека починало по неполни два часа од приемот. Според нив, тим од специјалисти веднаш го згрижил пациентот, а анализите покажале сериозни нарушувања, вклучувајќи електролитен дисбаланс, тешка ацидоза, дехидрација, како и респираторно и срцево попуштање.
TV21