јануари 16, 2025

Во израелските воздушни напади по објавувањето на договорот за прекин на огнот убиени се 73 жители на Газа

Портпаролот на цивилната одбрана во Газа, Махмуд Басал, изјави дека меѓу жртвите има 25 жени и 20 деца, додека над 230 лица се повредени од синоќа.

 Израелската Армија уби најмалку 73 Палестинци во воздушните напади во текот на ноќта низ Појасот Газа по објавувањето на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, јавува Анадолу.

Портпаролот на цивилната одбрана во Газа, Махмуд Басал, изјави дека меѓу жртвите има 25 жени и 20 деца, додека над 230 лица се повредени од синоќа.

Портпаролот рече дека 61 од жртвите биле убиени во воздушните напади во градот Газа, опишувајќи ги последните часови низ енклавата како „исклучително тешки, особено во градот Газа“.

Медицински извор за Анадолу изјави дека во израелски воздушен напад врз резиденцијални блокови во градот Газа биле убиени 20 Палестинци, а многумина се повредени.

Меѓу убиените во воздушниот напад има жени и деца, се додава во соопштението.

Очевидци за Анадолу изјавија дека израелските воени авиони извршиле интензивни воздушни напади наречени „огнени појаси“ врз населбата Шеик Радван во градот Газа.

Уште петмина Палестинци се убиени, а повеќе од 10 се повредени во израелскиот воздушен напад врз дом во населбата Римал во градот Газа, соопшти Цивилната одбрана.

Во третиот напад врз градот Газа, четворица Палестинци беа убиени во нападот на израелската Армија врз дом во населбата Ал-Дарај, според медицински извор.

Мало девојче е убиено во напад на израелско беспилотно летало врз дом во населбата Шејаја.

Исто така, Цивилната одбрана во градот Газа извести дека тројца Палестинци биле убиени во израелски воздушен напад врз дом.

Локалните извори известија за силно израелско артилериско гранатирање и пукање од огнено оружје кон населбите Тел ал-Хава, Зејтун и Ал-Сабра во источниот и југоисточниот град Газа.

Во централниот дел на Појасот Газа тројца Палестинци загинаа во напад на израелско беспилотно летало врз два стана во бегалскиот камп Нусејрат, според медицински извор.

Во јужниот дел на Појасот Газа, медицински извори за Анадолу изјавија дека уште двајца Палестинци биле убиени во израелски воздушен напад врз дом во јужниот град Кан Јунис.

Катар вчера го објави договорот за прекин на огнот за ставање крај на над 15-месечните смртоносни израелски напади врз Појасот Газа.

Катарскиот премиер и министер за надворешни работи, шеикот Мухамед бин Абдулрахман ал-Тани, го потврди договорот за прекин на огнот што треба да стапи на сила в недела.

Тој ја претстави првата фаза, која ќе трае 42 дена, и опфаќа ослободување на 33 израелски затвореници во замена за голем број палестински затвореници.

Прекинот на огнот ќе се случи на 467. ден од израелската неселективна воена кампања врз Газа, во која се убиени над 46.700 Палестинци, повеќето жени и деца, којашто започна по прекуграничниот напад предводен од Хамас на 7 октомври 2023 година. Во тој напад загинаа околу 1.200 луѓе, а речиси 250 беа вратени од Газа како заложници.

Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата војна против енклавата.




AA

Read Previous

Собранието ја констатираше оставката на Даути, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ја напуштија салата пред нејзиното обраќање

Read Next

Бугарија доби нова Влада, дали Македонија ќе добие контруктивен соговорник