Хамас ја нагласи потребата „да се продолжат консултациите со лидерите на палестинските фракции до финализирање на договорот“
Палестинската група на отпорот Хамас денес соопшти дека договорот за прекин на огнот во Газа и за размена на заробеници е во „својата последна фаза“, пренесува Анадолу.
Во соопштението, Хамас ја нагласи потребата „да се продолжат консултациите со лидерите на палестинските фракции до финализирање на договорот“.
Палестинската група соопшти дека одржала серија консултации со лидерите на фракциите „за да ги извести за напредокот постигнат во тековните преговори во Доха“.
Лидерите на фракциите ја истакнаа важноста од „сеопфатна национална подготвеност за претстојната фаза и нејзините барања“, рече Хамас, без да даде детали.
Според соопштението, лидерите на фракциите изразиле надеж дека оваа рунда преговори ќе заврши со „јасен и сеопфатен договор“.
Катар претходно соопшти дека преговорите за прекин на огнот во Газа се до „последните детали“ и дека објавувањето договор е „неизбежно“.
„Нацрт-договорот е предаден и на Хамас и на Израел и се разгледани големите препреки за клучните спорни прашања меѓу двете страни“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Мајед ал-Ансари, на прес-конференцијата во Доха.
Палестински извори претходно рекоа дека договорот за прекин на огнот во Газа и за размена на затвореници е „речиси готов“ и може да биде потпишан до петок.
Изворите, кои дадоа изјава за Анадолу под услов да останат анонимни поради чувствителната природа на преговорите, рекоа дека е постигнат напредок за финализирање на договорот.
Вчера, израелскиот јавен сервис КАН соопшти дека израелскиот безбедносен кабинет може да се состане денес за да го одобри договорот.
AA