јануари 14, 2025

Министерство за финансии: Буџетот за 2024 година реализиран согласно планираното, 2025 започнува ликвидно и стабилно

Приходите и расходите во Буџетот за 2024 година се реализирани на ниво над 96%, што е согласно со планираното во Буџетот. При тоа растот на приходите и расходите во однос на претходната година е околу 10%, а буџетскиот дефицит е понизок од планираното за 2,5 милијарди денари и е на ниво од 4,4% од БДП, соопшти Министерството за финансии.

„Вкупните приходи во Буџетот за 2024 година се реализирани во износ од 306,3 милијарди денари или 96,3% од планираното. При тоа приходите од даноци и придонеси се реализирани во целост односно 99,7%, додека само од даноци остварувањето е 99,2%. Кај данокот на личен доход има остварување од 101%, данокот на додадена вредност 103,8%, кај данокот на добивка има оставрување од 95,6% и увозните давачки се со остварување од 95,3%.

Реализацијата на приходите во Буџетот е согласно планираното со Ребалансот. Податоците упатуваат на ефикасна наплата на приходите од страна на Управата за јавни приходи и Царинската управа. Така даночните приходи и придонеси се остварени во износ од 283,6 милијарди денари и учествуваат со 92,6% во структурата на вкупните буџетски приходи. Приходите од даноци во 2024 година се остварени во износ од 177,9 милијарди денари и се за 12,8% повисоки споредено со минатата година. Придонесите за социјално осигурување се остварени во износ од 105,7 милијарди денари и истите се за 14,1% повисоки од остварените во 2023 година.

Вкупните расходи во 2024 година се реализирани во износ од 348,5 милијарди денари или 96,1% од годишниот план и се за 9,4% повисоки од буџетските расходи реализирани во 2023 година. Капиталните расходи во 2024 се реализирани во износ од 28,7 милијарди денари или 76,8 % од планираното. За реализација на проектот за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д беа реализирани 4,1 милијарда денари, односно буџетот за 2024 година наменет за тој проект во целост беше остварен. Дополнителни 21,2 милиони денари се реализирани за општинските проекти, како и 165 милиони денари за проекти за подобрување на општинските услуги преку МСИП со заем од Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка)и. Расходите за стоки и услуги се реализирани во износ од 22,9 милијарди денари или 88% од планираното. Трансферите кон општините преку блок дотации и дотации по основ на ДДВ се реализирани во износ од 30,9 милијарди денари и се повисоки за околу 3,4 милијарди денари во однос на претходната година, земјоделските субвенции се реализирани во износ од 9,2 милијарди денари и се во целост исплатени.

Особено е важен фактот дека буџетскиот дефицит е реализиран во понизок износ и дека тоа е дел од планот за фискална консолидација.

Буџетскиот дефицит со ребалансот на Буџетот беше проектиран на ниво од 4,9%, а во 2024 година е реализиран буџетски дефицит на ниво од 4,4% од БДП или во апсолутен износ понизок за 2,5 милијарди денари. Исто така и јавниот долг ќе биде понизок од проектираното и најверојатно ќе биде на ниво од 62,2%. Оваа година започнува со ликвидни и стабилни јавни финансии“, се наведува во соопштението на Министерството за финансии. 




Skopjeinfo

Read Previous

Возило удрило во столб на патарината Сопот, две лица повредени

Read Next

Билансот на убиени Палестинци во израелските напади врз Газа достигна речиси 46.600