Синоќа беа оперирани, утрово се во фаза на будење и тргање од апаратите за дишење. Состојбата на четвртиот пациент е исклучително критична.
Директорот на Клиничкиот центар на Црна Гора, Александар Радовиќ, денес изјави дека тројцата пациенти што се повредени во Цетиње, двајца мажи и една жена, се стабилни, но нивните животи сѐ уште се во опасност, јавува Анадолу.
„Синоќа беа оперирани, утрово се во фаза на будење и тргање од апаратите за дишење. Состојбата на четвртиот пациент е исклучително критична. Тој има повреда на главата. Неврохирурзите, заедно со другите хируршки тимови, оперираа до раните утрински часови“, изјави Радовиќ.
Тој додаде дека нанесените повреди се многу сериозни и тројцата повредени што синоќа беа оперирани сѐ уште се во животна опасност.
Доктор Перица Мараш изјави дека вчера во попладневните часови добиле дојава дека неколку повредени лица ќе бидат донесени во Клиничкиот центар.
„Четири пациенти се донесени со многу тешки повреди, а половина од нив веднаш се однесени во операционата сала“, рече Мараш.
„Тоа ретко се случува во хирургијата, никогаш не сум го доживеал ова откако ја работам оваа работа“, вели Мараш, додавајќи дека повредите кај сите пациенти се тешки.
Директорката на Клиниката за анестезиологија, Наталија Трниниќ, изјави дека сите четворица пациенти се „хемодинамички стабилни“.
„Еден пациент е екстубиран, свесен, комуницира, а се очекува двајца да бидат екстубирани во текот на денот. Тие веќе покажуваат знаци на свест. Четвртиот пациент е најтешко повреден. Станува збор за пациент со повреди на градите, желудникот и централниот нервен систем. Тој е седативен, на механичка вентилација и стабилен“, рече таа.
Медицинскиот директор на Клиничкиот центар, Ѓорѓије Крњевиќ, рече дека Клиниката за психијатрија ќе им овозможи психијатриска и психолошка поддршка на семејствата на починатите и повредените, како и на сите граѓани што имаат потреба од посета на психијатар и психолог.
Најмалку 12 лица, меѓу кои и двајца малолетници, се убиени вчера во пукање во ресторан и на други локации во црногорскиот град Цетиње, изјави обвинителката Андријана Настиќ.
Доцна синоќа Настиќ соопшти дека убиствата се извршени на пет локации и дека сторителот на овие злосторства се самоубил на шестата локација. Загинаа 12 лица, а тринаесетто е извршителот на убиствата, јавува РТЦГ.
Министерот за внатрешни работи Данило Шарановиќ синоќа на прес-конференција рече дека Ацо Мартиновиќ е осомничениот за убиствата.
Вршителот на должноста директор на полициската управа Лазар Шќепановиќ изјави дека не е познат мотивот за повеќекратното убиство, а жртвите се негови пријатели и кумови.
Поради трагедијата во Цетиње, Владата на Црна Гора синоќа прогласи денови на жалост на 2, 3 и 4 јануари, а од утрово знамињата се спуштени на половина копје.
AA