декември 23, 2024

Ботаничката градина во Скопје – Дом на ендемични и ретки растенија

Ботаничката градина располага со стакленик од 100 квадратни метри и парк од 11 хектари. Во стакленикот се чуваат околу 500 различни видови растенија, а во паркот има над 450 дрвенести и грмушести растенија.

Ботаничката градина во Скопје, дел од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет, е уникатен центар за истражување, едукација и заштита на растенијата, а воедно е и еден од најстарите институти од ваков вид во Македонија, јавува Анадолу.

Основана во 50-тите години на минатиот век, оваа градина е дом на над илјада видови растенија, од кои многу се ретки и ендемични.

„Имаме 74 години од постоењето на ботаничката градина“, изјави за Анадолу Цветанка Стојчевска, асистент-истражувач и магистер по биосистематика.

„Генерално имаме алохтони видови растенија, видови претставници од светската флора, секако имаме и објект за ендемични растенија, во коишто се сместени растенијата од нашите планини генерално, меѓутоа имаме и од котлини и долини коишто природно си растат на нашата територија“, додаде Стојчевска.

– Научна и едукативна мисија

Главната функција на Ботаничката градина е научна и едукативна.

„Научната функција всушност се однесува на опслужувањето на факултетот за научни цели, а едукативната е онаа со којашто се занимаваме повеќе во последните 6 до 7 години. Главна цел ни е да ја зајакнеме свеста на најмалите, учениците од основно и средно образование, иако доаѓаат доста и од градинките“, објаснува Стојчевска.

Во рамките на едукативните активности, Ботаничката градина организира работилници за ученици, при што темите се приспособуваат кон предметите што се изучуваат во училиштата.

„Особено ми е задоволство дека во последните 2 години Ботаничката градина е дел од мрежата за искуствено учење, поддржана од УНИЦЕФ и шведската Амбасада“, додава таа.

– Фокус на екологијата и загадувањето

Овој семестар, Градината ја посветува својата работа на темата за загадувањето на воздухот.

„Се фокусираме на квалитетот на воздухот, како растенијата влијаат врз загадувањето, односно дали има некој ублажувачки ефект, и како самото загадување влијае врз растенијата како живи организми“, вели Стојчевска.

– Разновидност на растенија

Ботаничката градина располага со стакленик од 100 квадратни метри и парк од 11 хектари. Во стакленикот се чуваат околу 500 различни видови растенија, а во паркот има над 450 дрвенести и грмушести растенија.

„Имаме сан северија, замија, фикус, традесканција, цикар револута, бугенвилија, алое вера и многу други растенија, вклучувајќи ендемични и ретки видови од нашите планини и котлини“, објаснува Стојчевска.

Еден од клучните аспекти на работата е заштитата на загрозените растенија.

„Одиме на терен, ги обележуваме тие растенија кои ги препознаваме како ретки и загрозени и се обидуваме да ги заштитиме, како во нивното природно живеалиште, така и надвор од него“, вели Стојчевска, објаснувајќи ја екситу заштитата што се спроведува во Градината.

Иако постигнуваат значајни резултати, во Градината се надеваат на поголеми капацитети во иднина.

„Се надеваме дека ќе го збогатиме нашиот диверзитет со повеќе растенија и стакленици“, вели Стојчевска.

„Во било кој град да отидете прво нешто што треба да го посетите е ботаничката градина зоолошката градина. Тоа се институции кои што ви кажуваат многу за земјата, така што се надевам во иднина ќе имаме повеќе репрезентативни растенија и дека ќе имаме можност да се развиеме и од туристички аспект“, додаде таа.

Ботаничката градина во Скопје останува важна институција не само за зачувување на природата, туку и за едукација и инспирација на новите генерации.





AA

Read Previous

Пленковиќ-Курти: Сакаме стабилно Косово и процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина да резултира со заемно признавање

Read Next

ДУИ до ВМРО-ДПМНЕ: Инвестицијата во Кичево е проект на поранешната влада, време е да имате барем еден ваш проект