ноември 21, 2024

Скопје задушено во смог: Аерозагадувањето одзема илјадници животи годишно

Ова не е магла, ова е смог. Ова е нешто што ни навлегува во белодробните патишта и креира ненормални проблеми во човековото здравје, посебно кај оние што се најризични.

Главниот град на Северна Македонија, Скопје, се соочува со еден од најтешките еколошки предизвици – аерозагадувањето, пишува Анадолу.

Градот, кој често се наоѓа на врвот на листата на најзагадени градови во Европа и светот, бележи алармантен пораст на болести и смртни случаи поврзани со загадениот воздух.

Горјан Јовановски, македонски екоактивист, претприемач и софтверски инженер, кој работи на подигнување на свеста за загадувањето на воздухот, а се бори против овој проблем веќе цела деценија, за Анадолу изјави дека состојбата е алармантна и бара итно дејствување од властите.

– „Повеќе од 5.000 животи годишно се губат поради загадениот воздух“ –

Јовановски вели дека 10 години се занимава со темата за аерозагадување, а проблемот постои последниве неколку десетици години, при што 5.000 луѓе годишно го губат животот како последица од аерозагадување.

ekssp.jpg

„Не сме во војна, не сме во воена состојба, а 5.000 луѓе го губат животот од загадениот воздух“, вели Јовановски, потенцирајќи ја загриженоста за здравјето на населението.

„Ова не е магла, ова е смог. Ова е нешто што ни навлегува во белодробните патишта и креира ненормални проблеми во човековото здравје, посебно кај оние што се најризични“, додава тој.

– Скопје задушено во смог: Борбата со загадувањето во котлинскиот град –

Јовановски вели дека загадувањето во Скопје е дополнително поттикнато од природната географија на градот што се наоѓа во котлина.

Екоактивистот објаснува дека тоа создава природен проблем, при што загадувањето останува заробено и не се чисти лесно од воздухот, истакнувајќи дека е потребно да се направат некои промени.

„Потребни се промени, од неконтролираната индустрија, која од најголема фабрика до најмала пекарница загадува континуирано без да знаеме колку токсини испушта во воздухот, до комплетна замена на грејните системи на домаќинствата и на државните институции што и понатаму се греат на мазут, а тоа е ненормално во ваква котлина“, изјави Јовановски, додавајќи дека јавниот превоз и организирањето на отпадот, исто така, мора да бидат подобрени за да се намали загадувањето.

Според Јовановски, постојат конкретни мерки што би можеле да го намалат загадувањето, но државата не презема соодветни чекори.

Тој смета дека загадувањето на воздухот не е само прашање на свесност – туку прашање на опстанок.

„Ова се наши пријатели, наши деца, наши родители, ненормално е. Сите овие проблеми, на еден или на друг начин, други градови во светот ги имаат решено, од Полска до Кина. Ние може да ги земеме како пример и да имплементираме исти решенија. Не сме уникатни во решавањето на овој проблем“, додаде Јовановски.

– „AirCare“: Апликација што информира и предупредува –

Со цел да ја информира јавноста за квалитетот на воздухот, Јовановски ја создаде апликацијата „МојВоздух“ што прерасна во „AirCare“, која собира податоци од државните мерни станици, волонтери и сателити за рурални предели, при што овозможува следење на загадувањето во реално време.

„Апликацијата беше направена со цел да можеме како обични граѓани да се информираме каков воздух дишеме надвор, колку е навистина загадено, да се заштитиме во периоди на висока загаденост, да не излегуваме, да седиме со затворени прозорци, да носиме маски“, вели тој.

Денес апликацијата е достапна на глобално ниво и насекаде во светот ја користат луѓе што се соочуваат со ист проблем.

Апликацијата доби признание на меѓународно ниво во медиуми, како „Форбс“, Би-би-си, „НАСА“, „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“, како и во списанија во Јапонија.

За креирањето на оваа апликација Горјан Јовановски ја освои Европската награда за најдобар млад иноватор во 2020 година во категоријата млади до 30 години.

AA

Read Previous

Сараево завеано со снег

Read Next

Јаневска: Ова е срамота! Се попречува основното право на учениците да се образуваат поради немање јавен превоз