ноември 21, 2024

Продолжуваат тензиите во Собранието на Албанија

Тензиите почнаа внатре во Собранието, во просториите пред салата во којашто се одржуваат пленарните седници, каде што дел од пратениците на Демократската партија на Албанија се судрија со членовите на Гардата

 Продолжуваат тензиите во Собранието на Албанија откако неколку пратеници од опозицијата, исклучени од работата на Собранието, се судрија со членовите на собраниското обезбедување, јавува Анадолу.

Тензиите почнаа внатре во Собранието, во просториите пред салата во којашто се одржуваат пленарните седници, каде што дел од пратениците на Демократската партија на Албанија, исклучени од учество на пленарната седница поради тензиите на претходните седници, се судрија со членовите на Гардата на Албанија.

Опозициските пратеници неколку пати се обидоа да влезат во пленарната сала, а беа спречени од членовите на Гардата.

Некои од опозициските пратеници држеа плакати со натписи „Слободни и фер избори“, „Ни треба влада, а не наркокартел“, „Стоп за политичкиот прогон врз опозицијата“, како и плакати со други натписи.

И покрај тензиите во просториите пред пленарната сала, седницата продолжи со дискусии за дневниот ред.

Во меѓувреме, другиот дел од опозициските пратеници кои не се исклучени од работата на Собранието, се обидоа да ги блокираат дискусиите.

Од друга страна, надвор од Собранието, група поранешни рудари одржаа протест, барајќи од албанското Собрание да одобри закон за утврдување на статусот на рударите.

– Тензиите во албанското Собрание започнаа кон крајот на септември –

Тензиите во албанското Собрание првично започнаа кон крајот на септември, при што дел од опозициските пратеници, по тензиите и судирите во пленарната сала, ги однесоа и запалија нивните столчиња пред зградата на Собранието.

Поради тензиите во изминатите седници, Секретаријатот за процедури, гласање и етика при Собранието на Албанија привремено исклучи неколку пратеници од опозицијата од работата на Собранието. Одлуките за исклучување се со различен временски период, при што на некои од пратениците веќе им помина тој временски период.

Тензиите започнаа поради казната затвор од една година на поранешниот пратеник на Демократската партија, Ервин Салијањи, кој моментално е во затвор. Салијањи е обвинет од властите дека пред неколку години објавил лажна аудиоснимка за шверц на дрога и вмешаност на роднина на поранешниот министер за внатрешни работи на Албанија, Фатмир Џафај.

На 26.09.2024 година, Апелациониот суд во Тирана ја потврди првостепената одлука од декември 2019 година за казна затвор од една година за поранешниот пратеник Салијањи за кривично дело „лажна пријава“.

Демократската партија тврди дека одлуката на Апелациониот суд е неправедна и политичка, при што продолжува да ја блокира работата на Собранието на Албанија.





AA

Read Previous

Амбасадорот Рокас на претседателката Адеми ѝ го предаде Извештајот на ЕУ

Read Next

МОН го објави конкурсот за доделување на 3.000 студентски стипендии за академската 2024/2025 година