Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска објави дека е подготвена нацрт верзијата на Законот за надворешни работи, која наскоро ќе биде презентирана пред јавноста во редовна постапка. Овој закон има за цел да ги интегрира новите формални надлежности што ги презема Министерството согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа.
„Излегуваме од конвенционалните рамки и ќе работиме повеќе од економската дипломатија. Пред да присуствувам на овој настан, бев на состанок во работната група во Министерството, каде што веќе ја имаме готова нацрт верзијата на законот. Овој закон ќе овозможи нашите дипломатски и конзуларни претставништва да бидат поактивни во привлекувањето инвестиции и промовирањето на извозните капацитети на државата. Со тоа ќе креираме повеќе добро платени работни места,“ истакна Муцунски на настанот во Свечената сала на Владата, организиран во рамки на Платформата „100% посветени за тебе“ на тема „Унапредување на дипломатијата и надворешната трговија, интеграција во ЕУ и дигитална трансформација“.
На настанот присуствуваа и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. Муцунски најави дека е во тек процес на спојување на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции со Дирекцијата за ТИРЗ, во единствена институција која ќе ги усогласува политиките на Министерството и ќе ја промовира државата како атрактивна дестинација за инвестиции.
„Работиме на спојување на неколку агенции, со цел создавање институција која ќе обезбеди подобри услови за инвеститорите, особено по нивното доаѓање во државата. Министерството ќе креира политики кои ќе гарантираат повисоки стандарди и зголемен ангажман на дипломатско-конзуларните претставништва,“ додаде Муцунски.
Тој истакна дека веќе се преземени конкретни чекори, меѓу кои и разговори со потенцијални инвеститори, од кои дел веќе се обврзале на инвестиции во Македонија. „Работиме заедно со стопанските комори и претприемачите за промоција на македонската економија и извозните капацитети,“ заклучи Муцунски.
TV21