октомври 11, 2024

Помош од Туркије: Првите контејнери и генератори доставени до Коњиц, БиХ, по разорните поплави

„Мојот апел до сите што сакаат да помогнат, да работат на овој начин, како што тоа го прави Република Туркије, да работат преку институциите на државата и автоматски таа помош ќе дојде до оние на кои им е потребна.“

Првите станбени контејнери и генератори доцна синоќа се испорачани во Коњиц, Босна и Херцеговина, една од најпогодените општини од разорните поплави и свлечишта што минатата недела зафатија делови од земјата, јавува Анадолу.

На предавањето на опремените станбени контејнери и генератори, помош од Туркије, присуствуваа амбасадорот на Туркије во Босна и Херцеговина, Садик Бабур Гиргин, заменик-претседателот на турската Агенција за управување со вонредни состојби (АФАД) Хамза Ташделен, кој е на терен во БиХ со денови, градоначалникот на Коњиц, Осман Ќатиќ, координаторот на ТИКА за БиХ, Ердинч Ишик, и други претставници.

Амбасадорот на Туркије, Гиргин, во разговор за Анадолу потсети дека следниот ден откако поплавите ја погодија областа, се сретнале и разговарале со претставници на општинските и кантоналните власти за тоа што е најпотребно да се обезбеди за населението погодено од катастрофата.

„Туркије беше меѓу првите што пристигна на теренот и тоа е показател за нашето братство. Слично на тоа, кога минатата година нашата земја ја погоди силен земјотрес, спасувачките екипи од Босна и Херцеговина, од градот Коњиц, дојдоа да ни помогнат. Вечерва го доставивме првиот дел од нашата помош во Коњиц. Се надеваме дека нашите браќа ќе добијат подобри услови за домување што е можно поскоро“, рече Гиргин.

Заменик-претседателот на АФАД, Ташделен, истакна дека во Босна и Херцеговина дошле без да чекаат повик за помош и дека потребите ги идентификувале откако извршиле увид во поплавеното подрачје.

„Овие контејнери се контејнери за живот. Тоа е комплетно опремена куќа, вклучувајќи клима уред, греалка, фрижидер, кревети и кујнски комплети. Секако дека мртвите нема да се вратат, но многу е важно да може да се залечат раните на босанскиот народ и да им се биде поддршка колку толку. Нашата амбасада, ТИКА и Црвената полумесечина се здружија и ја организираа оваа акција. Нашите пет камиони, првиот контингент на нашата пратка, стигна на терен. Се подготвуваат вкупно 31 камион, од кои 30 превезуваат контејнери, а еден камион превезува други материјали, како што се генератори“, изјави Ташделен.

Тој додаде дека врската на Туркије со Босна и Херцеговина нема граници, и дека што побрзо ќе се создаде животен простор за оние чии куќи им се уништени.

Градоначалникот на Коњиц, Ќатиќ се заблагодари на Република Туркије за, како што рече, многу брзата реакција кога станува збор за потребите на граѓаните погодени од поплавите.

„Веднаш на терен беа сите расположливи екипи, односно институциите на Република Туркије, почнувајќи од ТИКА, амбасадорот, АФАД и секако министерот кој беше тука во посета. Начинот на кој тоа се направи, можеме да кажеме дека за неполни 48 часа целиот тим беше на располагање и денеска имаме реализација на она што го договоривме на терен“, објасни Ќатиќ и додаде:

„Мојот апел до сите што сакаат да помогнат, да работат на овој начин, како што тоа го прави Република Туркије, да работат преку институциите на државата и автоматски таа помош ќе дојде до оние на кои им е потребна.“

Во првата етапа беа испорачани 16 контејнери и агрегати, со вкупно девет шлепери, додека преостанатата помош се очекува во наредните денови.

Вкупната помош која Туркије ја доставува во погодените подрачја од поплави се состои од 60 контејнери за живеење, 96 генератори, 228 роло-кревети, 144 кујнски сетови, 1.110 ќебиња, 60 клима уреди, 60 мини фрижидери и 60 шпорети.

Висока делегација на Република Туркије, предводена од министерот за транспорт и инфраструктура, Абдулкадир Уралоглу, во понеделникот го посети Бутуровиќ Поље, во близина на Коњиц, погодено од катастрофални поплави.

Најмалку 23 лица загинаа во поплавите и свлечиштата што погодија делови од Босна и Херцеговина по силното невреме проследено со дожд на крајот на минатата недела. Од тој број, 20 лица загинаа во Херцеговско-неретванскиот кантон, а три во општина Фојница. Сѐ уште се трага по пет лица.




AA

Read Previous

Турскиот претседател Ердоган со највисоки државни почести пречекан во Србија

Read Next

Започнаа увидни дејствија во опожарена зграда во Чаир