ноември 23, 2024

Ураганот Милтон го зафати заливскиот брег на Флорида како бура од трета категорија

Претседателот Џо Бајден го нарече ураганот Милтон „бура на векот“ на итен брифинг во Белата куќа и им порача на жителите да ги преземат сите неопходни безбедносни мерки

Ураганот Милтон синоќа го зафати брегот на заливот на Флорида како бура од трета категорија со ветрови со брзина од 233 километри на час, уништувајќи домови и згради по спуштањето на копното во близина на Сарасота, според медиумите, јавува Анадолу.

За повеќе од 20 милиони луѓе во сојузните американски држави Флорида и Џорџија има предупредување за урагани или тропски бури, а поголем дел од северноцентрална Флорида е под предупредување за торнадо и поплави. Напливот на невремето од ураганот Милтон се очекува да ја зафати областа што беше опустошена од ураганот Хелен пред само две недели, во кој загинаа над 230 луѓе во југоисточниот дел на Соединетите Американски Држави (САД).

Иако е премногу рано за собирање податоци за жртвите, службите за итни случаи веќе потврдија неколку жртви само неколку моменти откако Милтон се спушти на копно.

„Изгубивме животи“, изјави шерифот на округот Сент Луси, Кит Пирсон, за телевизиската станица ВПБФ.

Пирсон не наведе колку луѓе загинале, но рече дека екипите за пребарување и спасување веќе се на должност.

Речиси 1,7 милиони луѓе се без струја, според PowerOutage.us, а тој број се очекува драстично да се зголеми откако Милтон мина низ државата, уривајќи далноводи.

На жителите што живеат покрај брегот на заливот на Флорида им е кажано да се евакуираат како пред приближувањето на невремето, а за оние што не заминале, биле повикани да се засолнат.

„Со паѓањето на ноќта се зголемуваат и прекините на електричната енергија, силните ветрови сѐ повеќе се интензивираат низ западниот дел на Флорида“, објави Националната метеоролошка служба (НМС) на платформата X.

Персоналот за вонредни состојби на источниот брег на Флорида помага по торнадата што, наводно, се појавиле во неколку заедници на атлантскиот брег. Речиси 12 милиони жители се под предупредување за торнадо.

Претседателот Џо Бајден го нарече ураганот Милтон „бура на векот“ на итен брифинг во Белата куќа и им порача на жителите да ги преземат сите неопходни безбедносни мерки.

„Тоа е прашање, буквално, на живот или смрт“, рече Бајден.

Покрај силните ветрови и торнада, се очекува Милтон да предизвика катастрофални поплави низ поголем дел од сојузната држава. Националната метеоролошка служба очекува вкупни врнежи од 30 до 45 сантиметри во одредени области.

Националниот центар за урагани очекува големи штети од Милтон, прогнозирајќи ветрови со брзина и до 410 километри од центарот на бурата.

Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, објави дека стотици лица задолжени за пребарување и спасување и 180 возила се во состојба на готовност за започнување со итни операции. Повеќе од 6.000 членови на државната Национална гарда и уште 3.000 од други сојузни држави, исто така, се во состојба на готовност, покрај 50.000 лица што ќе работат на враќање на електричната енергија по невремето.




AA

Read Previous

Уапсени две лица од Непал на Табановце, илегално оствариле влез во државата

Read Next

Парите од унгарскиот кредит ќе одат преку Развојната банка – се очекува да бидат достапни до Нова година