Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска оствари средба со Жељка Цвијановиќ, членка на Претседателството на Босна и Херцеговина во Тиват, Црна Гора, каде учествуваат на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.
На средбата беше изразено задоволство од одличните пријателски односи и соработка меѓу двете земји кои се карактеризираат со заемна поддршка и почит, при што беше изразен интерес за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и продлабочување на билатералната соработка во сите сфери од заемен интерес, пред сè на економски план.
Претседателката Сиљановска Давкова ја изрази македонската поддршка за европските и евроатлантските аспирации на Босна и Херцеговина, како и нашата подготвеност за размена на искуства со БиХ.
Двете соговорнички констатираа дека унапредувањето на регионалната соработка со цел справување со предизвиците, како и напредок на европската интеграција на земјите од Западниот Балкан се од круцијално значење за стабилноста и просперитетот на регионот.
На средбата стана збор и за минатонеделните поплави во Босна и Херцеговина, при што претседателката Сиљановска Давкова изрази длабоко сочувство до семејствата на настраданите и брзо закрепнување на повредените.
TV21