Во рамки на Проектот на Светска Банка за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, отпочна со реализација на градежни работи на патните гранични премини од Kоридор 8, односно на граничните премини Деве Баир и Ќафасан
Во рамки на Проектот на Светска Банка за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, Царинска управа како краен корисник, а во соработка со Министерството за транспорт отпочна со реализација на градежни работи на патните гранични премини од Kоридор 8, односно на граничните премини Деве Баир и Ќафасан, известува Анадолу.
Премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицковски, на церемонијата на започнувањето на проектот за реконструкција на граничниот премин се обрати со зборовите:
„Да им се заблагодарам најпрвин на новинарите за интересот за овој настан. Им честитам и на Министерството за транспорт, на Царинската управа и на Светска банка којашто е заемодавач. Македонските граѓани коишто ќе го враќаат овој кредит од Светската банка ќе имаат модерен граничен премин којшто е дел од Коридорот 8.“
Вкупната вредност за изведба на првата фаза од овие проекти изнесува 118 милиони денари, од кои 96 милиони денари за надградба и реконструкција на граничен премин Деве Баир и 22 милиони денари за реконструкција и надградба на граничен премин Ќафасан. Градежни активности на граничниот премин Ќафасан веќе се започнати и треба да завршат во период од 6 месеци.
Проектот за надградба и реконструкција на граничниот премин Деве Баир ќе се одвива во две фази.
Со реконструкцијата на Управната зграда ќе се добијат современи услови за работа на царинските и полициските службеници, а со изградбата на новиот објект на терминалот за стоково царинење покрај царинските службеници, бенефит ќе имаат и службениците од Државниот инспекторат за земјоделие и граничната Фитосанитарна инспекција како и од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Воедно процедурите за увоз, извоз и транзит ќе се одвиваат на едно место, што ќе претставува олеснување за економските оператори, а ќе придонесе и кон скратување на времетраењето на постапките.
AA