ноември 22, 2024

Расте издвојувањето за одбраната на Западен Балкан, на дневен ред воведувањето воен рок

Тековните судири во Украина и на Блискиот Исток, како и се поголемиот број кризни точки и влошената безбедносна ситуација низ светот, принудуваат многу земји да размислуваат за својот воен потенцијал

Државите од Западен Балкан се свртуваат кон нови инвестиции во областа на одбраната, а во регионот на дневен ред се врати и задолжителното служење на воен рок, пишува Анадолу.

Тековните судири во Украина и на Блискиот Исток, како и се поголемиот број кризни точки и влошената безбедносна ситуација низ светот, принудуваат многу земји да размислуваат за својот воен потенцијал, а исклучок не се и земјите од Западен Балкан.

Членките на НАТО, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија ги зголемија своите воени буџети, а и Србија и Косово, кои не се членки на таа алијанса, тргнаа по сличен пат.

Во тој поглед, за Босна и Херцеговина може да се каже дека не оди во чекор со соседите.

Покрај вложувањата во одбраната, враќањето на задолжителниот воен рок од страна на Србија и Хрватска претставува уште еден важен чекор во одбранбениот сектор.

– Држава која со своите вложувања привлекува најмногу внимание е Србија –

Србија, позната по својата воена неутралност меѓу државите настанати со распадот на СФР Југославија, се наметнува како најистакната земја, како со борбените авиони Рафал кои ги купи од Франција, така и со враќањето на задолжителната воена служба.

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека воениот рок, кој беше укинат во 2010 година, ќе биде вратен и ќе трае 75 дена.

Српскиот премиер Милош Вучевиќ изјави дека со нетрпение чекаат во земјата да пристигнат воените авиони што ги набавија од Франција.

Според податоците на Министерството за одбрана, Србија во овогодинешниот воен буџет има стапка на вложување од 37,9 отсто.

– И во Хрватска се враќа задолжителниот воен рок –

Хрватска, членка на НАТО и на Европската Унија (ЕУ), најави дека од 1 јануари 2025 година ќе ја врати практиката на задолжително отслужување воен рок.

Хрватскиот министер за одбрана, Иван Анушиќ, изјави дека задолжителниот воен рок, кој беше укинат во 2008 година, ќе се врати на почетокот на 2025 година и најави дека ќе биде во траење од 60 дена.

Неодамнешното купување оклопни борбени возила „Бредли“ од Соединетите Американски Држави и воени авиони Рафал од Франција, беше опишано како модернизација на војската.

Според податоците на хрватското Министерство за одбрана, воениот буџет за 2024 година во областа на модернизацијата на војската е зголемен за 622 отсто во однос на 2016 година.

– Меѓу оние кои го зголемија воениот буџет се Црна Гора и Словенија –

Црна Гора, која стана членка на НАТО во 2017 година и чиј процес за членство во ЕУ е во тек, издвои најмалку два отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за полето на одбраната.

Во соопштението на Министерството за одбрана на Црна Гора се наведува дека ќе се издвојат 35,7 отсто од воениот буџет за 2024 година ќе биде издвоено за инвестиции, а се наведува дека на дневен ред се и нови набавки како патролни чамци и хеликоптери.

Обврската за отслужување воен рок во Црна Гора не се применува од 2006 година, а враќањето на оваа практика не е на дневен ред, за разлика од Србија и Хрватска.

Словенија, уште една земја во регионот која е членка на НАТО и ЕУ, се најде на листата на оние кои го зголемуваат воениот буџет за 2024 година. Словенија е меѓу земјите кои не планираат да воведат задолжително служење воен рок, кој беше укинат во 2003 година.

– Северна Македонија му придава значење на развојот на својата армија –

Задолжителниот воен рок во Северна Македонија, која стана членка на НАТО во 2020 година, беше укинат во 2006 година, кога армијата стана целосно професионална.

Иако во јавноста се разговара за повторно служење воен рок, ова прашање сѐ уште не е на дневен ред на властите во земјата.

Северна Македонија, која учествуваше во многу меѓународни мисии и вежби пред и по членството во НАТО, исто така планира да набави одбранбена опрема во согласност со стандардите на НАТО.

Северна Македонија прифаќа донации на воена опрема од различни земји членки на НАТО, особено од Туркије и придава значење на модернизацијата на војската.

Министерот за одбрана на Северна Македонија, Владо Мисајловски, во изјава по церемонијата на примопредавање на воена опрема која и беше донирана на армијата од Министерството за национална одбрана на Туркије на 30 август, рече дека ќе се продолжи со модернизирање на армијата со нова опрема.

– Чекорите на Косово кон зајакнување на војската –

Во Косово нема задолжително служење воен рок. Процесот на трансформација на Косовските безбедносни сили (КБС), кои беа формирани во 2009 година за операции за управување со кризи во земјата и надвор од нејзините граници, за да служат во операции за цивилна одбрана во земјата и при природни катастрофи и други вонредни ситуации, започна во 2018 година со законски измени во оваа област.

По завршување на процесот, кој се смета дека ќе трае десет години, се очекува Косово да има околу 7.500 припадници на војската.

Во 2022 година, Владата на Косово го формираше Фондот за безбедност, преку кој граѓаните можат да придонесуваат во буџетот на Министерството за одбрана. Покрај тоа, Владата на Косово на 11 септември годинава ја одобри Националната сеопфатна програма за одбрана.

Програмата, базирана на слични системи кои се имплементираат во земјите членки на НАТО, има за цел изградба на национална отпорност во земјата за да биде подготвена да реагира и да пружи отпор со доброволно приклучување и поддршка на војската во случај на природни катастрофи или вооружени напади.

Косово одвои повеќе од 200 милиони евра за вооружување и разна опрема во периодот од 2021 до 2023 година година, а најзначајна ставка беше набавката на дроновите Бајрактар ТБ2 од Туркије.

Косово има за цел да стане членка на програмата Партнерство за мир, што е предуслов за членство во НАТО.

– БиХ заостанува во регионот во однос на одбранбената мобилност –

Поради сложената политичка структура создадена со Дејтонскиот мировен договор по војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година, се смета дека е речиси невозможно да се воведат иновации во областа на одбраната и воената служба.

Република Српска (РС), еден од двата ентитета на Босна и Херцеговина, инвестираше многу во областа на одбраната, другиот ентитет, Федерацијата Босна и Херцеговина (ФБИХ), во овој контекст заостанува.

– Првата воздухопловна база на НАТО во регионот отворена во Албанија –

Албанија стана членка на НАТО во 2009 година. Го укина воениот рок со влез во НАТО и има војска која се состои од професионален персонал.

Во март 2024 година, во општина Кучова во јужна Албанија беше отворена тактичката воздухопловна база „Кучова“, првата воздухопловна база на НАТО на Западен Балкан.

Официјалните претставници истакнаа дека базата ѝ дава ново геостратешко значење на Албанија, а премиерот Еди Рама изјави дека се работи и на изградба на поморска база на НАТО во провинцијата Драч во западниот дел на земјата.

Иако во јавноста се разговараше за враќање на задолжителното служење на воен рок, властите не презедоа никаква официјална иницијатива за ова прашање.

Во јули 2024 година, албанскиот Парламент одобри пакет закони од областа на одбранбената и воената индустрија за повторно активирање на некои објекти поврзани со синџирот на производство на воена опрема и оружје.

Од друга страна, Албанија го доби беспилотното борбено летало Бајрактар ТБ2 како дел од Стратешкото партнерство Туркије-Албанија во март 2024 година, а овие дронови влегоа во инвентарот на албанската војска. На почетокот на 2024 година Албанија го доби првиот дел од хеликоптерите Црн јастреб (Black Hawk) што ги нарача од Соединетите Американски Држави (САД).





AA

Read Previous

Шест полицајци од затворот Идризово добија кривична пријава: Овозможиле бегство на лице лишено од слобода

Read Next

„Аџибадем систина“ – регионален водечки центар за интервентна радиологија