ноември 23, 2024

Унгарскиот премиер Орбан во посета на Северна Македонија, во Охрид примен од премиерот Мицкоски

За време на посетата ќе се реализираат и низа билатерални средби меѓу министрите на Северна Македонија и нивните колеги од унгарската делегација

Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денес во премиерската вила во Охрид го прими унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој престојува во официјална посета на земјата, јавува Анадолу.

Според најавената агенда, по тет-а-тет средбата ќе следува меѓувладина седница на делегациите на двете држави, по што Мицкоски и Орбан ќе се обратат на заедничка прес-конференција.

За време на посетата ќе се реализираат и низа билатерални средби меѓу министрите на Северна Македонија и нивните колеги од унгарската делегација.

Како што информираат од Владата, во рамките на дводневната посета на унгарската делегација предвидена е прошетка и низ градот Охрид, посета на црквата „Богородица Перивлепта“, Античкиот театар и комплексот на манастирот „Свети Наум“, како и положување цвеќе на двајцата премиери пред споменикот на свети Кирил и Методиј во Охрид.

Унгарија во моментов е земја претседавач со Европската Унија (ЕУ).

Премиерот Орбан последен пат официјално ја посети Северна Македонија во 2013 година, кога беше одликуван со наградата „8 Септември“ за исклучителни заслуги во развојот на пријателските односи и соработката меѓу двете земји. Му ја врачи тогашниот претседател Ѓорге Иванов.




AA

Read Previous

Водата во Гостивар не е за пиење, откриена е бактеријата ешерихија коли

Read Next

Орбан: Тука сме да помогнеме во решавање на постоечкиот конфликт со Бугарија