ноември 22, 2024

Претседателот Ердоган: „Трајна е нашата поддршка за територијалниот интегритет на Украина“

Претседателот Реџеп Таип Ердоган: „Трајна е нашата поддршка за територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина. Враќањето на Крим на Украина е потреба од меѓународното право.“

 Претседателот Ердоган испрати видеопорака до четвртиот самит на лидерите на Кримската платформа, известува Анадолу.

Заблагодарувајќи им се на сите кои го дале својот придонес во организирањето на самитот, особено на украинскиот претседател Владимир Зеленски и на националниот лидер на турските Татари на Крим, Мустафа Киримоглу, Ердоган потсети дека овогодинешниот самит се совпаѓа со 80-годишнината од прогонството на татарскиот народ од Крим.

Зборувајќи дека веќе 80 години не стивнува болката и не се залечени раните од трагедијата што ја претрпеле сонародниците, турските Татари од Крим, кои биле насилно депортирани од својата татковина, Ердоган истакна:

„Анексијата на Крим, на која Туркије се спротивстави и не ја признава уште од првиот ден, дополнително ги продлабочи страдањата. Трајна е нашата поддршка за територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина. Враќањето на Крим на Украина е потреба од меѓународното право.“

Нагласувајќи дека осигурувањето на безбедноста и благосостојбата на турските Татари од Крим, еден од домородните народи на Крим, е меѓу приоритетите на надворешната политика на Туркије, Ердоган продолжи со зборовите:

„Би сакал уште еднаш да го изразам своето задоволство од законските регулативи што ги иницираше украинската Влада за правата на турските Татари на Крим. Верувам дека во наредниот период ќе продолжат да се преземаат дополнителни чекори за зајакнување на правата на кримските Татари.“

Посочувајќи дека турските Татари од Крим имаат право да живеат слободен, безбеден и мирен живот во сопствената татковина, Ердоган истакна:

„Ни причинува задоволство што Нериман Џелал, заменик-претседателот на Народното собрание на кримските Татари, беше ослободен во јуни по речиси три години заробеништво. Очекуваме сите наши сонародници Татари од Крим, вклучително и браќата Асан и Азиз Ахметов, да си ја вратат слободата што е можно поскоро.

Наша искрена желба е војната да заврши со праведен и траен мир врз основа на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина. Во моите завршни зборови би сакал да изразам надеж дека работата што ја извршуваме во рамките на платформата ќе даде свој придонес во меѓународните напори за обезбедување мир на Крим, Украина и нашиот регион. На 80-годишнината од нивниот егзил, уште еднаш со почит се сеќавам на негуваните спомени на нашите починати сонародници, турските Татари од Крим.“





AA

Read Previous

Филипче: Со Законот за локална самоуправа интересите на граѓаните се маргинализирани

Read Next

Обвинителството во Приштина донесе обвиниение против 45 лица за вооружениот конфликт во Бањска