ноември 22, 2024

Фидан – Муцунски: Турција е докажан пријател и НАТО сојузник на Северна Македонија

Турција цврсто ја поддржува Северна Македонија од осамостојувањето и ќе продолжи со тоа, порача турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, кој се наоѓа во официјална посета на земјава.

– Имавме интензивна агенда. Соработката, пријателско и сојузништвото со Македонија го цениме многу. Разговаравме како можеме да ја унапредиме оваа соработка. Како Турција, изразуваме дека имаме интерес да потпишеме Биш стратешки совет за соработка. Турција има цел да се зголеми билатералната економска соработка на две милјарди и ќе продолжиме со поддршка на турските компании да инвестираат во земјава. Продолжуваме и со воената соработка, преку учество на заеднички вежби, изјави Фидан по средбата со Муцунски.

Северна Македонија има посебно место за мене, нагласи Фидан, и верувам дека отоманското наследство е значаен дел од културното наследство на земјава и ќе продолжиме со соработка во таа област.

– Турската заедница во земјава силно не поврзува, како Камениот мост во центарот на градот. Посакуваме да имаме мир и стабилност на целиот Балкан и како Турција сме активно вклучени во тоа. Затоа активно ќе ја зголемиме соработката со Северна Македонија, нагласи Фидан.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој е домаќин на турскиот колега Фидан, на заедничка прес-конференција изјави дека Турција е наш докажан пријател и НАТО сојузник. Денешната посета, Муцунски ја оцени како значаен момент во билатералните односи, како и дека како прва посета на странски министер за надворешни работи од неговото стапување на функцијата, како што нагласи, е силна потврда за се посилното стратешко партнерство.

– Традиционално добрите односи позитивно влијаат на економската соработка. Со Турција споделуваме заеднички ставови и за безбедносни и регионални прашања. Посебно го запознав со нашиот евроинтеграцискиот пат, со посебен акцент дека предвидливост е многу важна, изјави Муцунски.

Од својата независност, посочи Муцунски, нашата држава можеше да се потпре на Турција како наш пријател и поддржувач за остварување на нашите стратешки цели.

Фидан, како што е најавено, ќе го посети и Собранието на РСМ каде ќе има средба со спикерот Африм Гаши.





ZOOM

Read Previous

Вонредна состојба на Волос поради еколошка катастрофа

Read Next

34 пожари низ Македонија – активни се уште 6