ноември 23, 2024

Гаши: Се надевам дека на 3 септември ќе има соочување на аргументи, како ќе одлучи пленумот, така ќе постапиме

Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска изјави дека интерпелацијата за него не е политички издржана. Осврнувајќи се на неколкуте забелешки и медиумски написи во изминатиот период, но и тврдења во самото барање за интерпелација, рече дека не направил никаква повреда на секуларноста, како и дека не побарал од никого да бидат прекршени меѓународните или домашните закони. Негова цел како претседател, како што рече, е да ја промени перцепцијата дека Собранието е машина за гласање, како и дека пратениците ќе бараат одговори и одговорност од министрите и од функционерите и дека ќе има поголема соработка со граѓанскиот сектор.

– Поднесена е интерпелацијата. Веднаш на првата седница ја ставивме, тоа ќе биде прва точка. Мене ми е мило што ќе се расправа и ќе и се објаснат на јавноста наводите што се поднесени во таа интерпелација. Се што е во рамки на Деловникот и во рамки на демократичноста во Собранието, го почитувам, било тоа да се однесува на институцијата претседател на Собранието или на било кого. Ќе бидеме отворени кон секоја иницијатива, ќе го почитуваме Деловникот и се надевам дека на 3 септември ќе има соочување на аргументи и потоа пленумот ќе одлучи. Како ќе одлучат тие, така ќе постапиме. Верувам дека мнозинството ќе ја донесе најправедната одлука. Таа каква и да биде, ќе ја почитувам, рече Гаши.

Претседателот на Собранието одговараше и на новинарски прашања во врска со случајот со косовската претседателка Вјоса Османи и со неговото приватно патување со службени возила на свадба во Косово.

– Јас од никого никогаш не сум барал да прекрши закон, изјави Гаши.

На прашањето зошто со службено возило бил во приватна посета на Косово, тој рече дека тој е обврзан како претседател на Собранието секаде да се движи со службено возило, иако не би сакал тоа да биде така.

– Сите сакаме да имаме барем малку приватен живот. Јас воопшто го немам и за жал и во овој случај морав и на приватен настан да отпатувам со службено возило, рече Гаши.

Во врска со овој случај, Гаши кажа дека уредно бил најавен дека ќе патува на Косово, но дека, како што рече, не може да застане на пасошка контрола и да ги провери пасошите. Сепак, тој не кажа колку лица патувале со него со службените возила. Најави дека ќе покрене иницијатива и со Министерството за внатрешни работи да се доуредат одредени пропусти.

Во врска со инцидентот со претседателката на Ковосо, Вјоса Османи, бил повикан од неа и дал инструкции дека ќе оди на аеродром за да ја смири ситуацијата, и како претходница биле упатени лицата од неговото обезбедување. Откако му се јавиле дека ситуацијата е надмината, решил да не оди. Гаши кажа дека сите треба да ги почитуваат меѓународните и домашните закони.

– Од морален аспект, јас лично и обезбедувањето во Собранието на аеродоромот избегнавме инцидент којшто можеше да има поголеми последици. Се радувам дека се заврши како што треба. Тие луѓе кои ги пречекориле своите овластувања, МВР ќе постапи како што е законот. Секогаш кога ќе треба да се зближува, да се смирува ситуацијата, ќе настапувам за доброто на граѓаните, да нема конфликти, инциденти и поголеми последици, рече Гаши во изјава за медумите по средбата со новинарите.

На кажа кога би можело да се случат уставните измени, но посочи дека почетокот на тој процес зависи од политичките структури потсетувајќи дека тоа е мултилатерално прашање.

– Како Собрание очекуваме дека уставните измени треба да се случуваат во Собранието, ќе настојуваме да имаме поактивна улога во уставните измени. Што се однесува на решавањето на почетокот на тој процес тоа зависи од политичките структури, не само на нашата држава. Тоа е мултилатерално прашање. Во моментот кога ќе имаме на повидок решение се надевам набрзо ќе почне процедурата како што е предвидено со закон и со Устав и како што е предвидено со процедурата во ова Собрание, рече Гаши.

За работата на Собранието во следниот период кажа дека веќе има закажано седници на 3 и на 11 септември и дека ќе се одржуваат три до четири седници месечно – во вторник, среда и четврток, додека понеделник ќе биде ден за координација, а петок за средби на пратениците со граѓани. Врз основа на новиот Деловник се изработува подолгорочен календар на активности.




ZOOM

Read Previous

Намален водостојот на Охридското Езеро

Read Next

ФК Брера: Навивачите на Шкендија не беа избркани, туку сами си заминаа од стадионот