Политичката криза во Бугарија, која трае повеќе од три години, дополнително се продлабочи откако претседателот Радев одби да именува преодна влада, поради спор околу министерот за внатрешни работи, со што на неодредено време се одложија вонредните парламентарни избори.
Мандатот за состав на преодната влада Горица Гранчарова Кожарева во понеделник го претстави својот кабинет во кој министер за внатрешни работи останува Калин Стојанов.
Претседателот на Бугарија, но и опозицијата, го сметаат Стојанов за сојузник на Дељан Певски, бугарскиот олигарх кој беше санкциониран од САД и Велика Британија поради корупција.
Бидејќи Гранчарова го одби барањето на Радев да предложи друг министер за внатрешни работи, Радев рече дека новата привремена влада нема да положи заклетва денеска во Собранието и дека следните вонредни избори нема да се одржат на 20 октомври според планираното.
Смирување на политичката ситуација и одржување фер избори очигледно е невозможно доколку Стојанов остане на функцијата, напиша Радев на својот Фејсбук профил.
Бугарската новинска агенција БТА пишува дека Радев направи преседан во современата историја на Бугарија со тоа што одби да го потпише указот за именување на преодна влада.
Смената на Стојанов побара и лидерот на партијата ГЕРБ Бојко Борисов и апелираше да се најде решение вонредните избори да се организираат што поскоро на начин прифатлив за сите политички сили.
Тој денеска на прес-конференција рече дека видел неколку неприфатливи постапки на Стојанов, меѓу кои и „крената тупаница“ пред Претседателството.
Борисов оцени дека мандатарката Гранчарова Кожарева постапила набрзина и дека требало да предложи друг министер за внатрешни работи.
Во меѓувреме Гранчарова Кожарева поднела пријава до обвинителството бидејќи и биле притиснати додека се обидувала да формира преодна влада.
Стојанов, кој поради одлуката на Радев им се придружи на полицајците на протестот пред Претседателството, го обвини претседателот дека на неприфатлив начин се меша во работата на извршната власт, велејќи кој треба да биде во следната преодна влада.
Многу критичари го обвинуваат Стојанов дека работи во корист на Певски, медиумски тајкун и еден од водачите на Движењето за права и слободи (ДПС), кое главно го претставува големото турско малцинство во Бугарија.
Минатата недела МВР затвори сатирична веб-страница која го исмеваше Певски.
Во Бугарија во изминатите три години се одржаа шест парламентарни избори, но ниту една политичка сила досега не успеа да формира стабилна влада.
SKOPJE1