Два авиона на вооружените сили на Романија денеска пристигнаа во Албанија, приклучувајќи се кон напорите на албанските сили за изолирање и гаснење пожари во некои проблематични области.
Веста ја соопшти Министерството за одбрана, според кое двата авиона доаѓаат, како поддршка од Европскиот механизам за цивилна заштита, чиј дел е и Албанија.
– Романските екипажи 10 дена ќе бидат стационирани во воздухопловната база Кучово, а координирани од Националната агенција за цивилна заштита ќе бидат ангажирани во подрачјата, каде што ситуацијата е најкритична. Албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу беше присутен на пристигнувањето на двата авиона од Романија, со нивните екипажи, и им се заблагодари на романските власти за помошта во овие тешки моменти за земјата.
Едниот авион е модел C-27 J, кој ќе се вклучи во операции за гаснење пожари, а другиот C-130 , кој обезбедува логистичка поддршка на C-27 J, додека капацитетот е шест тони вода на секој лет.
Во Албанија каде беснеат голем број пожари, најкритична е ситуацијата во Националниот парк „Преспа“, кај Пустец.
И покрај максималната ангажираност на противпожарни единици од повеќе општини од округот Корча, каде територијално припаѓа и Пустец, армиски и полициски сили и локалното население, пожарот е активен веќе осум дена, при што опожарени се над 200 хектари.
ZOOM