ноември 23, 2024

Јаневска: На 1 септември учебници или материјали за учење ќе има по сите предмети за основците, со исклучок на странските јазици

Освен учебниците по странски јазици, кои ги нема неколку години наназад и за кои последниот тендер спроведен од претходното раководство е во жалбена постапка, учениците и наставниците во основните училишта на 1 септември ќе имаат учебници или материјали за учење за сите други предмети, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Како што соопшти МОН, во утринската програма на Канал 5 ТВ, таа соопшти дека дел од учебниците се веќе дистрибуирани, а дел се печатат и, според договорот со печатницата, на 1 септември треба да бидат во училиштата.

-За жал, затекнавме и предмети по кои нема учебници, иако претходната Влада ја информираше јавноста дека се обезбедени. Ги посочив странските јазици, но и предметите за јазикот и културата на заедниците за кои во најголем дел поради лошиот квалитет на предложените учебници, истите не се одобрени. Но, направивме напори и за нив да обезбедиме материјали во дигитална форма кои  учениците ќе можат да ги користат, рече Јаневска.

Таа додаде дека се работи на враќање на Историја како посебен предмет во македонското образование, затоа што, според мислењето на домашната и светската експертска јавност, историјата е национален предмет со исклучително значење. Како што рече, на часовите по Историја се учат факти за случувања и личности, но предметот побудува и патриотизам и лојалност кон сопствената држава „и затоа треба да му се посвети посебно и повеќе внимание низ образовниот систем“.

Информираше дека со Министерството за култура и со Бирото за развој на образованието се дискутира за можностите за поддршка на домашни анимирани серии, филмови и едукативни емисии соодветни на возраста на учениците, како и сликовници и книги за успешни личности, за географски локалитети и слично, кои би можеле да бидат дел од формалниот воспитно-образовен процес.

Во однос на предучилишното образование, кое треба да премине под надлежност на Министерството за образование и наука, Јаневска посочи дека Владата „прави сериозни напори за да обезбеди услови за што повеќе деца да влезат во градинките и да стекнуваат знаења кои се добра подготовка пред вклучување во училишното образование“.

-Потребно е време и средства за состојбите значително да се подобрат. Гледате дека се градат нови капацитети. Општините добиваат големи парични средства и очекувам дека со дел од истите ќе предвидат и изградба на нови градинки, додаде министерката.

Read Previous

Одвоени средби на министерот Муцунски со амбасадорите на Холандија и на Шпанија

Read Next

Жена загина во пожарите во Атина, илјадници жители се евакуирани