Над 200.000 луѓе – девет проценти од населението на Газа – се раселени во текот на изминатата недела поради израелските наредби за евакуација, соопшти во понеделникот Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (UNOCHA), пренесе Си-Ен-Ен.
Десетици илјади луѓе продолжуваат да доживуваат нови бранови на внатрешно раселување низ Газа поради овие наредби за евакуација и тековните непријателства“, се вели во соопштението на UNOCHA.
„Хуманитарните партнери кои го следат движењето на населението во Газа проценуваат дека новите директиви издадени од израелските власти во саботата и неделата ги погодија деловите на Рафах, Кан Јунис и Деир ал Балах, каде што вкупно 56.000 луѓе беа засолнети“, се додава понатаму во соопштението.
Само околу 14 отсто од областите во Газа „не се под наредба за евакуација“, рече генералниот комесар за помош и работа на ОН за палестинските бегалци на Блискиот Исток (UNRWA), Филип Лазарини, во објава на X во неделата.
Последниот круг на раселување „доаѓа во време кога водата, санитарните услови и хигиенските услови дополнително се еродираат во Газа, со заразни болести во пораст“, соопшти УНОЧА.
„Претходно во текот на овој месец, вирусот на детска парализа беше откриен во примероците од отпадните води во Газа. Иако не се регистрирани случаи, од клучно значење е условите на теренот да им овозможат на хуманитарните организации да реагираат брзо и во обем, вклучително и со обезбедување дека децата можат да примаат вакцини. Светската здравствена организација минатата недела објави дека испраќа 1 милион вакцини против детска парализа во Газа“, посочуваат од UNOCHA