„Граѓаните ќе можат да пријават економска штета, износи на уништен имот, како и човечка штета, убиени членови на семејствата, исчезнати, повредени или затворани.“
Министерството на администрацијата за локална самоуправа на Косово одржа заеднички состанок со премиерот на Косово, Албин Курти, и градоначалниците на општините, со цел меѓуинституционална координација на процесот за попис на населението, кој почна денеска во Косово, јавува Анадолу.
Премиерот Курти говореше за значењето на пописот на населението како за централното, така и за локалното ниво на власт. Тој рече дека е потребна блиска соработка меѓу општините и Агенцијата за статистика на Косово, која е носител на пописниот процес.
Курти истакна дека за прв пат во текот на пописот на населението граѓаните на Косово ќе можат да се изјаснат за воената штета.
„Во овој попис на населението за прв пат е вклучен прашалник за воената штета во периодот 1998-99 година, во семејните економии на нашиот народ. Граѓаните ќе можат да пријават економска штета, износи на уништен имот, како и човечка штета, убиени членови на семејствата, исчезнати, повредени или затворани. Поточно, овој период е дефиниран од 28 февруари 1998 година до 12 јуни 1999 година“, нагласи Курти.
Извршниот директор на Агенцијата за статистика на Косово, Авни Кастрати, побара од градоначалниците на општините да го поддржат персоналот кој е на терен од нивните општини, за да не остане непопишано ниту едно семејство или поединец.
Кастрати рече дека регистрацијата на населението е законска обврска и дека казните за неучество на пописот се движат од 20 до 2.000 евра по лице.
„Лице кое го нема во евиденцијата, во регистрите и услугите, почнувајќи од општините и централното ниво, се смета за непостоечко“, нагласи Кастрати.
Тој појасни дека попишувачите ќе работат шест дена во неделата, од вторник до недела, додека понеделник ќе им биде неработен ден. Тој изјави дека попишувачите ќе бидат обврзани да го посетуваат секое семејство до три пати доколку има потреба.
Истакна дека прашањата се едноставни, лесни за одговарање, дека пописот ќе биде електронски со користење на таблет компјутер, и дека прашалниците на пописот се направени според стандардите и препораките на Европската Унија.
Во меѓувреме, политичките партии на косовските Срби, меѓу кои и најголемата Српска листа, ги повикаа Србите да не учествуваат на пописот на населението, кој ќе трае од 5 април до 17 мај 2024 година.
Според последниот попис од 2011 година, Косово имало речиси 1,8 милиони жители.