Во рамки на превентивно-афирмативните активности насловени „Вози одговорно-биди горда што возиш безбедно“ во Тетово и Гостивар полицајци на припаднички на понежниот пол-возачки или сопатнички во возилата, на неколку пунктови во централните градски подрачја, им делеа наменски изработени едукативни материјали.
Целта на денешните активности кои се поддржани и од МВР, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност-Скопје е подигнување на сообраќајната свест и култура на жените-учеснички во сообраќајот, во функција на поголема безбедност на патиштата во регионот и пошироко во земјата.
-На возачките, исто така, им беше советувано да бидат максимално концентрирани и успешни зад воланот, како впрочем и на професионален, семеен и други план. Со нив, беа споделени и информации за потребата од задолжително користење сигурносни појаси, но и за воздржување од употреба на мобилни телефони додека возат, а од „прва рака“ добија и други корисни совети за нивна лична и за вкупната безбедност на сите учесници во сообраќајот, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Превентивни активности во двата полошки градови се реализираа по повод Осми март-Меѓународниот ден на жената од страна на полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово – Отсек за превенција, Полициската станица за безбедност на сообраќајот Тетово и Одделението за безбедност на патниот сообраќај Гостивар.