– НАТО спроведува голема вежба на подморници наречена „Динамичка манта 24“ во Средоземното Море, во близина на италијанскиот остров Сицилија.
Хеликоптери надлетуваа над големи подморници во близина на градот Катанија, а неколку воени бродови ја следеа операцијата, јавуваат италијанските медиуми.
Американскиот адмирал Томас Вол, командант на подморничките единици на НАТО, рече дека единиците на Северноатлантската алијанса не само што ја изведуваат оваа вежба, туку и поморските сили работат заедно на бројни локации, пренесува МИА.
„Вежбата ‘Стедфаст дефендер’ е најголемата вежба на НАТО што моментално се одржува во Северен Атлантик. Во поморски план штотуку завршивме дел од оваа вежба, што е јасна демонстрација на нашето трансатлантско единство и сила“, рече Вол.
Седум подморници на НАТО од Грција, Франција, Италија, Шпанија, Турција и САД учествуваат во комплексна вежба кај Сицилија.
Бродовите кои учествуваат во „Динамична манта 24“ практикуваат следење, а истовремено се координираат со воздухопловните сили и бродовите, со цел да се подобрат борбените способности на море.
Главната цел е да се подготват единиците на НАТО за да можат да одговорат на каква било закана од подморници, велат од Алијансата.
“Денес се соочуваме со најголемата и најнепредвидливата опасност по неколку децении. Подморскиот дел е клучен за безбедноста на море. Тоа е дел кој се уште не е доволно истражен, но е од витално значење за сите земји во Медитеранот”, рече Алберто Таработо, командант на италијанската морнарица.
Вежбата ќе трае до 8 март.