Прашањето на апанажата е нешто што не може да се коментира, тоа е законско решение. Се потврди и дека се лага обвинувањата од опозицијата дека имам свои бизниси и фирми, вели претседателот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски.
-Јас бев претседател на Владата во исклучително тешко време и својата функција ја обавував согласно законите на Република Северна Македонија, согласно Законот за влада и согласно Законот за избори и поднесов оставка, така што сите одлуки коишто се носени после тоа во однос на примањата на функционерите кои обавувале такви функции се направени согласно законот, согласно со одлуки на Собранието. Сметам дека сите треба да ги почитуваат законите и токму како резултат на такви закони коишто се почитуваат имаме зголемување и на минималната плата за огромен процент повеќе во однос на 2016/2017 година и имаме зголемување на просечната плата. Така што, тоа е нешто што не може да се коментира, тоа е нешто што е законско решение, вели Ковачевски на новинарско прашање во врска со барањето за апанажа, по посетата на компанијата Киел Македонија ДООЕЛ во Желино.
Тој појаснува дека бил обвинуван дека имал свои компании и фирми, нешто што опозицијата постојано го истакнувала, но вели, се потврди дека тоа било лага и дека ниту има свои компании, ниту свои бизниси.
Ковачевски посочи и дека не е точно дека со поднесување на оставка или со разрешување, според одлука на Уставен суд не следува апанажа.
-Оставката е заради исполнување на законската обврска мандатот да престане на 100 дена пред одржување на изборите и согласно со тоа завршува мандатот. Така што кој и да бил претседател на владата неговиот мандат завршува на 100 дена пред изборите согласно со законската регулатива – Закон за влада и Закон за избори, потенцира Ковачевски.
Во однос на можноста за укинување на апанажата, тој смета дека тоа треба да се види во Парламентот, но и дека треба да следува апанажа доколку некој извршувал општествена функција или која било друга функција.
-Јас сметам дека доколку некој извршувал општествена функција или која било друга функција тогаш треба да следува апанажа да може да искористи одреден временски период за својата кариера да ја насочи кон нешто друго. Ако го прашате директорот на една приватна компанија, кога работите и во приватни компании на именувани функции, тогаш исто така следуваат такви договорни обврски во коишто се дава одреден период за да може кариерата да се насочи во друга насока. Така што не би сакал да давам популистички изјави дека нешто не треба да се прави бидејќи таа се однесува на многу избрани и менувани функционери. На пример, има луѓе коишто седат четири години во Парламент и кои после тоа треба, ако не се веќе во Парламент да направат трансфер на својата кариера во некоја друга област, објаснува претседателот на СДСМ Ковачевски.