ноември 24, 2024

Силјановска-Давкова е кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ за претседател: Време е за женска димензија во политиката

Професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова потврди дека е кандидат за претседателка на државата од ВМРО-ДПМНЕ. Таа изјави дека нема да биде републикански монарх, туку ќе се однесува кон граѓаните како кон луѓе, како кон индивидуи, припадници на различни заедници. Доколку стане претседателка, посочи, нејзините кандидати ќе бидат најдобрите во Уставниот суд и во Судскиот совет, а амбасадорите ќе се регрутираат врз основа на компетентност и стручност.

Таа изрази благодарност што во рекорден рок нејзините колеги и колешки ги собрале потребните 30 потписи, без нејзино знаење. Кандидатурата на Силјановска-Давкова допрва треба да се најде на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, по што треба да се достави до ДИК.

-Зошто се кандидирам? Од објективни и од субјективни причини. Објективните се резултатот од минатите избори. Големо признание е кога ќе добиете околу 380 илјади гласови, и тоа не само од партиските членови и симпатизери, туку и од граѓаните. Имам намера да собирам и 10 илјади потписи, бидејќи мислам дека траба рамноправна да бидам со сите други и се разбира, да повикувам повторно од оние кои не се во политиката или не се идеолошки и партиски определени, додаде Силјановска-Давкова.

Една од причините за нејзино кандидирање, како што напомена, е резултатот од минатите избори.

-Ветувам, доколку станам претседателка, моите кандидати ќе бидат најдобрите во Уставниот суд, најдобрите во Судскиот совет, дека амбасадорите ќе се регрутираат врз основа на компетентност и стручност, а не врз партиска блискост. Не треба да се зачудите ако ме видите на протест со маргинализирани групи во првиот ред. Не треба да се зачудите ако во Парламентот, доколку има потреба од вето, да кажам „дајте да се усогласиме овде, да дојдеме до решение, да креираме јавна политика“. Јавна политика мора да произведе јавна вредност. Не да промовира лични и олигархиски интереси, туку республика – јавна вредност, изјави денеска пред Собранието Силјановска-Давкова.

Таа посочи дека ќе се залага за создавање на граѓански канцеларии. Тоа е, како што посочи, институт којшто се практикув во САД и во другите држави.

-Мислам дека многу често претседателите се далеку во планината, далеку од граѓаните, а го забораваат суверенот – граѓаните и една прекрасна идеја на претседателот Иванов за т.н. граѓански канцеларии како да не живее. Тоа е институт којшто е многу, многу практикуван во САД и во другите држави. Значи, јас нема да се однесувам како републикански монарх, туку ќе се однесувам кон граѓаните како кон луѓе, како кон индивидуи, како припадници различни, како кон суверен бидејќи од нив ми извира суверенитетот, додаде Силјановска-Давкова.

Според Силјановска-Давкова, време е за женска димензија во политиката, време е за консензус без оглед на партиска, етничка, верска и друга припадност. Потенцираше дека во статусот претседател/претседателка се нужни големи длабоки реформи.

-Мислам дека треба во овој регион и особено во Македонија навистина да дојде времето на жените. Одговорно тврдам дека ќе ги почитувам различностите, но ќе се опкружам со жени во сите прилики на сите места, затоа што видовме дека кога на клучни функции има жени, а тие помалку учествувале секаде и се помалку одговорни се за ова што му се случува на светот, тогаш се можни промени. Најмаргинализираните групи ќе бидат пред мене и последната реченица – без владеење на правото, без радикални промени во системот на вреднување ние нема да исчекориме напред, посочи Силјановска-Давкова.

Read Previous

Максим Димитриевски кандидат за претседател на државата!

Read Next

Ковачевски и Спасовски побарале и добиле апанажа, 12 месеци по ред ќе добиваат по 2500 евра од државата!