Стигнати се 20.000 обрасци, до крајот на месецов ќе стигне дополнителна пратка, како и во јуни, никој никого не саботира во МВР, изјави денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски оствари средба со раководството на Секторот за внатрешни работи Куманово.
Одговарајќи на новинарски прашања за промена на документите, Бојмацалиев рече дека досега се издадени над еден милион и триста илјади пасоши.
– Никој никого не саботира во ова Министерство. Само ќе кажам дека дента кога се направи примопредавањето меѓу министерот Спасовски и министерот Тошковски, стигнаа 50.000 обрасци, пред некој ден стигаа 20.000, не се работи за никаква саботажа. До крајот на месецов очекуваме поголема пратка. Исто така и во јуни доаѓа голема пратка што ќе ги задоволи сите потреби за граѓаните, оние кои се сликале да ги добијат документите, рече Бојмацалиев.
Во однос на информациите дека дел од државите дозволуваат влез во нивните држави со стари патни исправи, дополнителниот заменик министер кажа дека државите треба да си донесат став и ги повика македонските граѓани да извадат документи.
– ЕУ треба да донесе став, дали ќе ги прима граѓаните со старите пасоши кои по наш закон повеќе не се во важност. Има одредени држави кои уште ги примаат граѓаните, одредени не. Не сакам да кажувам имиња, за да не направиме забуна меѓу граѓаните. Најдобро е граѓаните да ги искористат капацитетите на МВР, да дојдат и да земат нова патна исправа. До овој момент над 1.300.000 граѓани ги сменија патните исправи, што е значителна бројка, ако ги земеме предвид политичките инструкции кои ги имавме изминатите три години, рече Бојмацалиев.
Во однос на инцидентот што се случи неделата наутро, дополнителниот заменик министер рече дека е поднесена една кривична пријава против едно лице кое спречило колега да извршува службени дејствија.
– Утрово сум информиран дека истрагата се проширува уште кон двајца колеги. Повеќе информации не би можел да дадам, изјави тој.
Во однос на затворањето на огранок на станицата за технички преглед „Авто контрол“ во населбата Доброшане, кумановско, Бојмацалиев рече дека кога МВР затвора одреден правен субјект, тоа е затоа што не исполнува некои услови.
-Кога ќе ги исполнат условите, сигурно ќе имаат употребна дозвола, рече Бојмацалиев.
Во изјавата за медиумите тој нагласи дека безбедносната состојба на подрачјето на СВР Куманово е поволна, како и на ниво на државата, нагласувајќи дека почнува со посети на секторите за внатрешни работи. Посочи дека опаѓа криминалитетот има пораст на функционалноста на полицијата и расветлување на случаите. Намалаување има во кривичните дела за 3, 6 проценти, зголемен е бројот а откриени кривични дела 11, во областа на отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје во однос на претходната година биле пет. Во однос на нарушување на јавниот ред и мир, во текот на јануари во однос на минатата година регистрирано е намалување од 28,8 процени.
-Сакам да упатам порака дека полицијата исклучиво ќе работи во интерес на граѓаните и спроведување на фер и демократски избори, кажа Бојмацалиев.
извор: TV21