Измените на Законот за рестриктивни мерки не може да бидат противуставни затоа што ако го дефинирате начинот на кој што ќе се постапува со лицата и компаниите кои ќе се најдат на црната листа на САД и Обединетото Кралство, и таа е врзана со веќе постоечкото македонско законодавство, тогаш не може да бидат противуставна, смета вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење Славица Грковска.
– Сметам дека треба да бидеме свесни дека стратешкото партнерство со САД е клучно за нашата држава. Ако САД биле наш недвосмислен поддржувач, историски гледано наназад, за постигнување на сите наши стратешки цели, и како народ и како држава, тогаш истото би требало да се однесува и кога станува збор за борбата против корупцијата и организираниот криминал. Сметам дека во најмала рака е несериозно ние да очекуваме од нашите стратешки партнери да поднесуваат посебни барања, како што налага актуелниот закон, наместо доколку се објават листи и компании на црната листа веднаш да се процесуираат во нашиот правосуден систем, рече вицепремиерката Грковска во вечерашното гостување во Топ тема на ТВ Телма.
Според неа, иницијативата со овој закон е да се поттикнат правосудните органи да бидат поефикасни и да го работат она што се очекува од нив. Грковска посочи дека и по допрен глас може обвинителството да реагира, но за жал не сме виделе ниту еден чекор помрднување во таа насока.
– Ние сме свесни дека ваквите решенија предизвикуваат вознемирување во онаа мала група на луѓе која што е научена да се однесува со државата како што сака. Фактот дека и сѐ уште бегалецот од правдата Груевски од Будимпешта се јави да реагира и да се повикува на суверенитетот на државата, сакајќи да се спротивстави на ваквите решенија, само зборува за тоа дека иницијативата којашто ја покренавме и законските решенија кои што ги направивме ја погаѓаат целта, вели Грковска.
Владата која првично ги одобри, па поради админситративни причини ги повлече предлог измените на Законот за рестриктивни мерки, синоќа на седница даде зелено светло за ова законско решение и го испрати на усвојување во Собранието. Со предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки, корумпираните актери во земјава кои се наоѓаат на „црната листа“ на САД, треба да подлежат на санкции согласно националното законодавство.
Поради вмешаност во значителна корупција, САД во текот на изминативе две години ги ставија на црната листа поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, бизнисменот Орце Камчев, Ратка Камчева, Сергеј и Ирина Самсоненко.