ноември 24, 2024

Мандатарот на идната преодна влада ги добил сите предлози од политичките партии за министри и заменици министри

Мандатарот на идната преодна влада Талат Џафери ги примил сите предлози од политичките партии за министри и заменици министри и се очекува да ги достави до претседателот на Собранието.

Со ова, се отвара патот да се свика пленарна седница за избор на новата влада. Според најавите, седницата треба да се одржи во недела, но од собраниската прес-служба, поточни информации за терминот за одржување на седницата најавуваат за утре попладне.

Денеска, откако Собранието ја констатираше оставката на досегашниот претседател на Собранието Талат Џафери, претседателот на државата Стево Пендаровски му го врачи мандатот за состав на идната Влада на мандатарот Џафери.

Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај, а ќе функционира до изборот на новата влада.

Во состав на преодната влада, прв заменик премиер на Владата, според договорот меѓу СДСМ и ДУИ, ќе биде Бојан Маричиќ, кој исто таа останува и вицепремиер за европски прашања, додека Артан Груби кој досега ја извршуваше функцијата прв вицепремиер и министер за политички систем, ќе биде министер за политички систем.

На опозицијата и припаѓаат министерските места во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика и дополнителни заменички места во министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.

Од страна на ВМРО-ДПМНЕ на овие места предложени се Панче Тошковски за технички министер за внатрешни работи и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика. За дополнителен заменик– министер за финансиии е предложена Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Познати се и имињата на министрите и дополнителните заменици министри кои доаѓаат од редовите на СДСМ. Актуелниот шеф на Кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Митко Бојмацалиев е кандидат за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а на министерските места во култура, животна средина, транспорт, одбрана и земјоделство предложени се досегашните министри.

За дополнителни заменици министри од редовите на СДСМ предложени се Викторија Аврамовска Мадиќ во Министерството за правда, Маја Манолева во Министерството за здравство, Александар Бајдески во Министерството за информатичко општество и администрација, Филип Николовски во Министерството за финансии и Мики Крстев во Министерството за локална самоуправа. За дополнителен заменик министер за труд и социјална политика предложена е досегашната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Од ДУИ и Алијанса на Албанците, за МИА потврдија дека остануваат со истите кадри.

Read Previous

Спасовски на средба со соработниците и поширокото раководство на МВР

Read Next

Министерството за правда основа 18 професионални одделенија на Комората за вештаци